Италија во баражите низ историјата: Од мразот во Москва со младиот Буфон, до бламот со Вентура

Четирикратниот светски шампион само два пати играл во бараж за пласман на Светски првенства, но искуството од тие две епизоди им е огромно. Знаат каква е горчината на поразот во најважните натпревари.

ПОТОПОТ СО СЕЛЕКТОРОТ ВЕНТУРА

На 10 ноември 2017-та Шведска во Солна, предградието на Стокхолм, ја пречека Италија во првиот натпревар од баражот за пласман на Светско 2018.

Со Буфон на голот, Бонучи, Барѕаљи и Кјелини позади, среден ред со Кандрева, Пароло, Верати, Де Роси и Дармиан и со Белоти и Имобиле во напад, Аѕурите не пружија голем отпор со мотивираните „викинзи“ кои славеа 1-0.

Италијанците беа во голем пад тогаш под водство на возрасниот селектор Вентура кој за малку избегна пораз во Скопје од Македонија (2:3 со гол во последните секунди од мечот) и кој ремизираше 1:1 во Торино со нашите момци во групна фаза.

Пред реваншот со Шведска во Милано на 13 ноември 2017-та на „Сан Сиро“ каде Италија првпат играла во 1926-та и до тој момент немаше пораз на 42 меча, навивачите на Апенините не беа преголеми оптимисти.

Бркаа гол негатива но со јалови напади не успеаа. Се памети и комичната сцена кога селекторот Вентура од клупа го повика Де Роси во финишот, а овој му одговори: „Што ќе правам јас? Треба да победиме, не да играме нерешено“ покажувајќи со прст кон Инсиње.

На крај мечот заврши 0-0 и Шведска отиде на Светско првенство. Тоа беше вторпат Италија да не се пласира на Мундијал по далечната 1926-та година.

Осум фудбалери беа во тој состав и во овој денес: Бонучи, Кјелини, Донарума, Белоти, Флоренци, Имобиле, Инсиње, Жоржињо. Беше и Де Роси кој денес е член на стручниот штаб на Манчини.

Џиџи Буфон се расплака после мечот и како ретко кога во солзи го напушти теренот.

МРАЗОТ И КАЛТА ВО СТУДЕНАТА МОСКВА

Ако претпоследниот меч во репрезентативната кариера Буфон не го памети по добро, одлично се сеќава на неговиот прв натпревар за Италија.

Дебитираше на 19 години и тоа во Москва, во натпревар од баражот за пласман на Светско првенство 1998. На 29 октомври 1997-ма.

Тогаш селектор на Италија беше Чезаре Малдини кој ја презеде селекцијата од Ариго Саки. На голот од почеток стартуваше Џанлука Паљука кој подоцна се повреди па во игра влезе Буфон.

Во тимот беа уште и Песото, Малдини, Костакурта, Канаваро , Неста, Албертини, Дино Баџо, Ди Матео, Раванели и Виери.

На овој прв натпревар за Италијанците во Москва првиот гол го даде Бобо Виери по една необична ситуација на калливиот терен на кој топката едвај се движеше. Само пар минути подоцна Русите израмнија со автогол на Канаваро 1:1.

РЕВАНШОТ ВО НЕАПОЛ

Италија многу ретко низ историјата игра во градот под Везув. Ироничните тврдат дека откако Наполитанците на Светското 1990-та навивале за Аргентина на Марадона против Италија, од тогаш не ја виделе репрезентацијата. Теорија на заговор или не, вистина е дека Аѕурите од тогаш не стапнале на стадионот во Неапол.

Но на Сан Паоло неколку дена по ремито во Москва, атмосферата била еуфорична, сите сакале само пласман на Светско првенство и ништо друго.

Чезаре Малдини се реши од почеток да брани Перуци (Паљука веќе беше повреден), а менуваше и во одбраната па тргна Ферара а во нападот беше Пјерлуиџи Казираки. Токму тој го постигна единствениот гол на прекрасно додавање на Албертини. Со 1-0 и вкупни 2-1 Италија отиде во Франција.

НАТПРЕВАРИ ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ

Иако Италијанците само два пати играа бараж за пласман на Светско првенство, листата со вакви клучни натпревари „да се биде или не“ им е подолга.

Пред легендарниот и култен Мундијал 1994 во САД каде стигнаа до епско финале со Бразил и пеналот на Баџо, Аѕурите се намачија прописно.

Беа први во група но пред последното коло и мечот со Португалија беше „или полковник или покојник“. Португалците бодовно им дишеа во врат па само победникот одеше на Светско првенство.

На 17 ноември 1993-та во Милано Италија со Паљука, Бенариво, Малдини, Стропа, Костакурта, Барези, Донадони, Дино Баџо, Казираки, Роберто Баџо, Бепе Сињори (Роберто Манчини) под водство на Ариго Саки ја совладаа Португалија со 1-0 со гол на Дино Баџо во 83’ минута.

Каква Италија ја чека Македонија во баражот за Светско првенство 2022?

22 март 2022 - 15:30