За да ѝ донесат огромна радост на нацијата, најдобрите македонски фудбалери вечерва ќе треба за 90 (или 120 минути) да одиграат најдобар натпревар во своите досегашни кариери.
Против себе ќе имаат селекција која во 2020-та година на 5 меча нема пораз: 2 победи и 3 нерешени средби. Од тие 3 ремија, 2 се против нашата репрезентација. Постигнале 6 погодоци, а примиле 4.
Последниот пораз на стадионот „Борис Паичадзе“ им датира од 23 март 2019-та година кога Швајцарија славела со 0:2. Од тогаш до денес, Грузија на домашно тло одиграла 5 меча и нема ниеден пораз.
⚽️ მატჩის დღე: 🇬🇪 საქართველო 🆚 ჩრდილოეთ მაკედონია 🇲🇰
— Georgia • GFF (@GeorgiaGff) November 12, 2020
⚽️ Match day: 🇬🇪 #GFF 🆚 @ffmmkd 🇲🇰
🔥 დიდი ფინალის დღე 🇬🇪
🔥 It's the day of the final 🇬🇪 #GEONMC #EURO2020 pic.twitter.com/fhBBJUBv9m
Грузија вечерва во составот поради повреда и позитивен тест ќе немa четворица стандардни репрезентативци: 21-годишниот Георги Чакведатзе кој 4-та сезона игра за белгиски Гент, 19-годишниот Квича Кваратскелија (Рубин Казан) и Валери „Вако“ Казаишвили, фудбалер од среден ред кој после долг престој во Витезе (6 сезони), Легија Варшава (1 сезона), сега ја игра 5-та сезона за Сан Хозе во МЛС и Леван Шенгелија (среден ред, 25, Коњаспор).
Грузијците, предводени од селекторот Владимир Вајс (ја одведе Словачка на Светско 2010, за репрезентацијата на Словачка играше и син му кој се вика Владимир, а и татко му кој исто се викал Владимир), го почнаа новото издание со триумф на гости кај Естонија (0:1), па после ремизираа на 3 меча по ред (со Македонија два пати 1:1, со Ерменија 2:2).
Во полуфиналето од плејофот против Белорусија, Грузијците имаа 8 шута од кои 7 во рамки на голот, 5 корнери и 52% посед на топка.
Големо внимание нашата одбрана ќе треба да посвети на бројот 10 во репрезентацијата на Грузија, Торнике Окриашвили (Анортозис) кој на 44 меча постигнал 12 гола.
Токму Окриашвили ја внесе Грузија во финале на плејофот во Лига на нации, со гол од пенал против Белорусија во полуфиналето. Од почетокот на сезоната Окриашвили дал 8 гола (6 за лидерот во кипарската лига, а 2 за Грузија).
Капитен и заменик капитен на Грузија се ветераните Џаба Канкава (34) кој игра за Тобол во Казахстан, и 34-годишниот голман на Анортозис Ѓорѓи Лориа. Канкава е играч задолжен за деструкција на противничките напади и спона меѓу средината и офанзивата на Грузија.
Одбраната на Грузија најчесто ја сочинува стоперскиот тандем Кашиа (33, Сан Хозе МЛС) - Квиркелиа (28, Волгоград). На позициите лев и десен бек, грузискиот селектор Вајс менувал константно, па така на последните 10 меча наизменично леви бекови играле: Лаша Двали (25, Ференцварош, играше стопер против Јувентус во Лига на шампиони), Ѓорѓи Наваловски (34), Николош Мали (21) и Давид Кочолава (27).
Десни бекови најчесто во последно време играле Отар Какабадзе (Тенерифе, 25) и Џаба Џигаури (екс-Вардар, сега во грузискиот Динамо Батуми, 25).
Покрај Канкава, средниот ред на Грузија го држат и Ника Квеквешкири кој нема ама баш никаква забележителна кариера и цел живот игра во домашното првенство (Динамо Тбилиси, Дила Гори, Габала, Тобол), и Отар Киетишвили (Штурм Грац, 24) кој поради повреда ги пропуштил последните 3 меча за неговиот клуб во Австрија, па нејасно е дали ќе биде спремен за вечерва.
Во шпицот на нападот, Вајс најчесто ги игра: Ника Качарава (26, Лех Познањ, во новата сезона 3 гола: 2 за Грузија, 1 за Лех), Ѓорѓи Квилитаја (4 гола за Анортозис сезонава).
Според составот, Македонија има далеку поквалитетни поединци, а благодарение на селекторот Ангеловски и подобар колектив. Но мотивот е огромен кај двете страни, така што за очекување е секој кој ќе истрча на теренот да игра до последна капка пот.
Инаку поради зголемен број на позитивни случаи на вирусот, во Тбилиси од пред една недела е воведен полициски час. Мечот и онака ќе се игра без публика. Веруваме дека на крајот Македонија ќе слави историски успех и пласман на собирот на најдобрите европски селекции.
Фото: Ognen Teofilovski/Reuters