ЕП 2016 Франција

Како Жозе Фонте освои Европско со тренерот кој го одбивал порано

Како млад во еден момент после тренинг се нашол во соблекувалната со Кристијано Роналдо и му понудил да се кладат дека еден ден ќе заигра на голема сцена. Две децении подоцна двајцата го кренаа пехарот како европски шампиони.

Во јануари 2010. година Саутемптон потпиша со тројца одбранбени фудбалери. Набрзо едниот се загуби некаде на Википедија, вториот трча по прашливите терени во дресот на шкотскиот Партик Тисл од Глазгов.
 
Третиот и натаму игра во Јужниот брег на Англија а вечерта меѓу неделата и понеделникот стана шампион на Европа. Тоа е Жозе Фонте, човекот кој најдобро знае како може да се вкрстат фудбалската кариера и човековата судбина во една точка.
 
Имал 13 години кога тргнал во младинската академија на Спортинг Лисабон каде се запознал со уште едно младо дете со кое 20 години подоцна на „Стад де Франс“ го кренаа трофејот Анри Делоне, момент на кој му претходеше драматична завршница.
 
А кога на истото тоа дете, Жозе додека се туширале после еден тренинг му предложил на Кристијано да се кладат дека еден ден ќе оди во голем клуб, овој пружил рака. Некое време подоцна, Манчестер Јунајтед објави дека платил повеќе од 11 милиони фунти за вундекидот на Спортинг Лисабон, а Фонте ровареше по второлигашките тимови во Португалија.

За да се најде со него повторно, Фонте морал да помине низ трнливиот пат на непризнавање во Португалија и место во третолигашот Саутемптон со кој влезе во Премиер лигата.
 
Во Спортинг, Фонте не одел подалеку од клупата. Таму, а и две години подоцна кога преминал во Бенфика, тренер му бил Фернандо Сантош, актуелниот селектор на Португалија. Сантош немал интерес за младиот Жозе и го праќал на позајмици, од кои една ќе се испостави како судбинска за неговата кариера. Како стопер на Пакош де Фереира на мечот против Пенафиел кој завршил 2:2 влегол во историјата на лигата како фудбалер кој постигнал три гола во двете мрежи. Два за своите и еден автогол.
 
Неговите партии ги следел Кристал Палас кој се заинтересирал да го доведе на позајмица. Набрзо Фонте се преселува кај нив во Лондон, а таму друштво му правел помалиот брат Руи Фонте кој играл за младинците на Арсенал. Во еден период играле и заедно откако тренерот на Палас, Нил Ворнок го убедил Венгер да му го позајми младиот Португалец.

По три години на „Селхурст Парк", Фонте ја продолжува својата фудбалска маршрута на југот од Англија, во третолигашот Саутемптон каде се случува љубов на прв поглед. Физички силниот стопер набрзо станува капитен и идол на навивачите на „Светците" што само по себе е голем успех. Го споредувале и со земјениот Бог на Саутемптон, Мет Ле Тисие.
 

Во принцип тој можел само да ги слуша омилените Arctic Monkeys и да игра фудбал, но стоперот отишол малку подалеку. Им помагал на новајлиите да се скрасат во новиот тим, им помагал кога купувале автомобил или изнајмувале стан и се однесувал како прав капитен кој влијае на екипата.

Животот во Саутемптон му бил цикличен, затоа што секое лето клубот губел некој од лидерите кој заминуваа во поголемите клубови. Во такви околности, верноста на Фонте се вреднува уште повеќе. Не е едноставно еден играч кој трчал против Даг енд Ред и Саутенд сега да игра против Челси и Ливерпул.

Фонте снимаше и неколку видео пораки до навивачите во кое ги повикуваше да не паничат и дека се ќе биде во ред. Еднаш дури го убедил Морган Шнајдерлин да остане уште една година во Саутемптон.

Прв голем проблем во клубот Фонте доживеал кога за време на еден тренинг се закачнал со Итало-Аргентинецот Пабло Освалдо кој го удрил со глава и му го скршил носот. Крв течела на сите страни, а тренерот Маурицио Почетино го прекинал тренингот.

Скандалозниот Освалдо никогаш и никаде не бил популарен лик и се скара каде и да играше. Во еден момент се обидувал да ја смири ситуацијата и од официјалниот профил твитал извинувања во кои го тагирал Фонте, но играчите му кажале на Почетино што мислат за тоа. Самиот Жозе не му придавал значење на инцидентот, а Освалдо беше избркан од клубот.

Но доста за тоа.

Обично во август за Жозе се почнува одново, па и нови партнери во одбраната. Едно време во тандем со Дејан Ловрен ги потврди своите високи квалитети а играше и со Тоби Алдервирелд и авантуристот Вирџил ван Дајк. Таков микс на играчи во одбраната не му сметаше на Саутемптон да биде тим со најдобра одбрана во лигата.

После долги години Фонте повторно се сретнал со стариот познаник, Фернандо Сантош, овојпат во селекцијата на Португалија. Со поранешниот тренер на Бенфика и Спортинг немал никакви проблеми:

„Памтам пред едно 10 години дека не бев така добар фудбалер како сега. Одлуките на Мистерот беа оправдани што не ми даваше многу да играм. Благодарен сум му што денес ги признава моите вредности.

Необично е што Жозе Фонте за репрезентацијата дебитираше на чудниот пријателски меч против Аргентина и тоа на 31 година. Влезе во второ полувреме, но малку луѓе го приметија. Тоа се случува само кога на теренот во исто време се Кристијано Роналдо и Лионел Меси.

Европското 2012 Фонте го гледал дома со семејството. Во Франција летово почна од клупата за резерви, а после третиот гол на Унгарците, Фернандо Сантош го стави во игра Жозе Фонте (Со 32 години беше меѓу најмладите во португалската одбрана). Во нокаут фазата во плејофот Португалија прими само еден гол додека Фонте беше во игра.

Капитенот на Саутемптон го освои Европското. Како и тогаш кога се кладел со Кристијано Роналдо во пари дека ќе стане голем играч. Жозе Фонте точно знае како може да се вкрсти патот на фудбалската кариера со човековата судбина во една точка.