Кога во 2010-та година Малме славеше 100 години од своето постоеше, „Офсајд“ (шведски фудбалски магазин) го прогласија за најдобар фудбалски клуб во историјата на Шведска.
19-кратниот шведски првак не е воопшто наивен клуб, туку клуб кој и годинава има амбиции да игра во групната фаза од Лигата на шампионите, каде се појави два пати по ред во сезоните 2014/2015 и 2015/2016. Во квалификациите за настап на меѓународна сцена имаат елиминирано екипи како Хајдук, Динамо Загреб, Салцбург, Селтик.
На македонските, па и сите балкански клубови треба да им отворат кадетра и да им предаваат како се работи. Зошто баш Малме да го прави тоа? Затоа што со парите заработени од европските натпреварувања го откупиле стадионот Свидбанк, со цел парите генерирани од активностите на стадионот да им одат во каса.
Кај нас ќе ги скурцаат по кафани и ќе ги платат за казни во УЕФА за некоректно навивање или инциденти. И не само тоа, туку ја промениле вештачката трева, вработиле фитнес тренер и координатор во младинската школа, а формирале и неколку фудбалски академии во регионот. Остатокот од парите ги ставиле во банка.
2016-та година Малме ја завршил со профит од 137.000 евра и зголемување на акционерскиот капитал на 48,2 милиони евра. Тоа е речиси 40 милиони евра повеќе за две години со оглед на тоа што во 2014-та капиталот им изнесувал 9 милиони евра.
Со пласманот во Лига на шампиони касата ептен живнала, па така во 2015-та имале приходи од 24,7 милиони евра, а една година претходно 15,3 милиони евра. Пред три години Малме имал 2 милиони евра, а денес има 25,2 милиони.
Со бројки малку ќе ве позанимаваме и на темата навивачи. Во 2015-та актуелниот првак на Шведска имал 1.300 членови, минатата година 3.800, а сега бројат 6.000 зачленети навивачи. Каков прогрес.
Во однос на сезонските влезници, можат да се носат и со клубови од најсилните европски лиги, бидејќи сезонава околу 11.000 навивачи купиле годишна карта. Тоа е извонредна бројка ако се знае дека стадионот им собира 24.000 луѓе.
Во Малме постои и здружение кое се вика „Малме за сè“, преку кое навивачите се обидуваат да ги вклучат во работните активности и сиромашните, а клубот им обезбедува карти за да можат да одат на стадион без да платат.
Тоа е дел од еден широк проект кој функционира уште во два шведски клуба, како и во норвешки Розенборг. Инаку на чело на здружението е 22 годишната навивачка Телма Ернст.
Сезоната во Шведска почна на 1 април, а Малме во моментов е лидер на табела со 9 победи, 3 нерешени и 1 пораз. Нивната цел се знае која e, кам бек во групната фаза од ЛШ, каде лани не настапуваа.
Вардар на Малме му гостува на 12-ти јули, а на 18-ти го пречекува во Струмица, во рамките на 2-то квалификациско коло за ЛШ.