Како Милан го изеде срамот поради лагата на Галијани и Берлускони

Легендата на Росонерите, Алесандро Костакурта ја откри вистината околу одлуката на потпретседателот Адриано Галијани пред 25 години да не им дозволи на фудбалерите да ги довршат последните минути од дуелот со Марсеј во четвртфиналето на КЕШ.

И покрај тоа што мина четврт век од тогаш, повозрасните навивачи на Милан сигурно се срамат кога ќе се сетат на реванш мечот со Марсеј во Европскиот Куп кој резултираше со годишна суспензија на Милан од сите европски натпреварувања.
 
На 20. март 1991 година, тимот што ја бранеше титулата во КЕШ освоена претходните две сезони (против Стеауа 4:0 и Бенфика 1:0) се сретна со Марсеј во четвртфиналето. Со надеж дека може да стигнат до неверојатни три титули европски првак Росонерите отпатуваа во Франција. Меѓу другото Милан таа сезона важеше за главен фаворит за европски пехар.
 
Миланистите на Велодром во Марсеј стигнаа по ремито од 1:1 во Италија, средба на која Англичанецот Крис Вадл им донесе одличен резултат на гостите. По дуелот на Сан Сиро на кој Марсеј доминираше, италијанската јавност ги обвини играчите за летаргичен однос.

На реваншот, три минути пред крајот од мечот при водство на Марсеј 1:0 двата од четирите рефлектори престанале да работат и видливоста на стадионот делумно била намалена. Од таа причина, потпретседателот Адријано Галијани им наредил на играчите на Милан да не се враќаат на теренот за да ги доиграат преостанатите три минути и да останат во соблекувалните. 
 
Иако Галијани уверувал дека нема доволно светло и услови за игра, се знаело дека скриената намера му била да има репризен меч. По 15-минутно натегање, судијата Карлсон го прекинал мечот затоа што немал други опции.
 
УЕФА службено му додели победа од 3:0 на Марсеј а Милан беше суспендиран на 12 месеци од сите европски натпреварувања.
 
Галијани лично добил драстична казна и го суспендирале 12 месеци од било каква функција поврзана со фудбалот. Сепак, срамната одлука да не го доиграат мечот најмногу го погодил самиот клуб.

Една од иконите на клубот, Алесандро Костакурта кој играше на реваншот призна дека никој од играчите не му покажал непослушност на Галијани, но биле шокирани кога сфатиле дека одлуката не била од УЕФА. Марсеј таа година стигна до финалето каде загуби од белградска Црвена звезда после решавачкиот пенал на Дарко Панчев во Бари.
„Бевме убедени дека одлуката да се прекине мечот е донесена на барање на делегатот на УЕФА, затоа и не се вративме. Спремни бевме да продолжиме, но Галијани дојде и ни кажа да се вратиме во соблекувалните. Светлата се вратија, иако нецелосно и Марсеј заслужено се квалификуваше. Никој од нас на ниту еден начин не избега“, вели Костакурта во сеќавањето за фамозниот реванш на Велодром во Марсеј.
Во еден момент сите сфатиле колку е часот и кој какви намери имал.
„Излеговме едвај убедени дека има длабока причина зошто не може да доиграме. Кога новинарите ни ја кажаа горката вистина сфативме дека сме вмешани во срамна сцена. Никогаш нема да го заборавам ликот на Ариго Саки. Тој Милан беше двократен шампион на Европа по ред и испадна дека бега. Тој срам никогаш нема да се тргне, дури и после 25 години.“, додава Били Костакурта.
Од тогаш не стивнуваат прашањата околу тоа кој им дал зелено светло на играчите на Милан да останат во соблекувалните. Многумина сметаат дека одлука од таква природа дошла од повисок авторитет од Галијани, а тоа е претседателот Силвио Берлускони.
Безброј пати досега Галијани го подметнувал грбот за Берлускони да не го јаде срамот.
„Мислам дека не е можно сè да беше до Галијани. Не зборувавме многу во тоа време, а следниот ден дојде и му се извини на тимот. Иако Берлускони изјави дека таквиот однос не е во ДНА-та на Милан, таква одлука можеше да дојде само од него. Сè падна на Галијани, во спротивно тој ќе беше избркан сам да донел таква одлука сигурно“, констатира Алесандро Костакурта.
Росонерите се вратија во Лигата на шампионите во сезоната 1992/93, стигнаа до финалето каде загубија, види судбина, од Марсеј.
 
Срамната одлука за прекин на мечот: