
Првиот натпревар со Аѕурите го одигравме на 9 октомври 2016-та година во рамки од 3. коло во квалификациите за Светско првенство 2018 во Русија.
Тогаш за Македонија настапија Мартин Богатинов, Ванче Шиков, Кире Ристевски, Даниел Мојсов, Леонард Жута, Стефан Ристовски, Стефан Спировски, Езѓан Алиоски, Ферхан Хасани, Илија Несторовски и Горан Пандев.
Од клупа за резерви на мечот во Скопје влегоа: Бесарт Ибраими, Душко Трајчевски и Милован Петровиќ.
Од тој состав во моментов во Палермо се петмина: Ристевски, Ристовски, Спировски, Алиоски и Трајковски.
Пред преполн „Градски“ во Скопје, нашите фудбалери одиграа одличен натпревар со 13 удари кон противничкиот гол од кои 6 во рамки на голот (Италија имаше 19/9).
Селекторот на гостите Џан Пјеро Вентура, можеби најомразен предводник на италијанската репрезентација и главен кривец во јавноста за мачниот пропуст на Светско првенство 2018 и испаѓањето од Шведска, се реши за следните 11:
Џанлуиџи Буфон, Бонучи, Ромањоли, Барѕаљи, Бонавентура, Бернардески, Верати, Де Шиљо, Кандрева, Чиро Имобиле, Белоти. Од клупата за резерви влегоа: Марко Пароло, Никола Сансоне и Едер а неискористени резерви останаа Де Роси, Перин, Донарума, Огбона, Дармијан, Бенаси, Флоренци, Астори, Кришито.
Македонија уште од стартот на мечот добро му парираше на апсолутниот фаворит, направивме неколку одлични акции од контра и полу-контра и го држевме ривалот на дистанца. Несторовски имаше пречка која го спаси Буфон во 18’ минута.
Сепак Италија искористи едно невнимание и преку Белоти поведе во 24’ минута. Така се отиде на пауза а во вториот дел следеше прав емотивен ролеркостер.
Во 57’ минута Илија Несторовски со послабата десна нога го матираше Буфон од далечина за 1-1 а само една минута и неколку секунди подоцна и Ферхан Буба Хасани постигна ефектен гол од 20-ина метри на асистенција на Горан Пандев за водство на Македонија.
Предноста ја чувавме до 75’ минута кога Чиро Имобиле израмни за да истиот играч во судиско продолжение, во 90+1’ минута ги постави конечните 2-3 и на Италија и донесе огромни три бода во квалификациите.
ИТАЛИЈА - МАКЕДОНИЈА 1:1
Речиси една година подоцна, на 6 октомври 2017-та на стадионот „Олимпико Гранде Торино“ на клубот Торино, пред 22.603 гледачи, нашиот селектор Ангеловски се реши за следните 11:
Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Велкоски, Радески, Спировски, Барди, Алиоски, Хасани, Несторовски, Пандев, а од клупата влегоа Зајков, Трајковски и Тричковски.
Италијан истрча со: Буфон, Барѕаљи, Бонучи, Кјелини, Ѕапакоста, Пароло, Гаљардини, Дармиан, Верди, Имобиле и Инсиње додека од клупата како замени влегоа Ругани, Кристанте и Бернардески.
Ова беше претпоследен натпревар од квалификациите а на Италија и играше само победа во трката за прво место со Шпанија. Но нашите се погрижија „црвената фурија“ да оди директно на Светско а аѕурите да го чекаат неизвесниот бараж како и сега.
Поведе Италија преку Кјелини во 40’ минута но во 77’ минута тогашниот фудбалер на Палермо, резервистот Александар Трајковски кој веќе трета година беше на Сицилија заедно со Несторовски го израмни резултатот со прекрасен шут по сјајна асистенција на Пандев.
Буфон беше немоќен за голема радост на нашите играчи и нашата клупа.
1-1 против четирикратен светски шампион, резултат со кој почна ренесансата во македонскиот фудбал.