Како Италијанците ја загубија доминацијата во Европа

Разликата помеѓу ЛШ и ЛЕ е огромна пред се во квалитетот, гледаноста, престижот и премиите. Но со недоволниот интерес за второто по ранг европско натпреварување клубовите губат поени кои одат на контото кај оние за кои претставува поголем предизвик.

Златната ера на екипите од Серија А на меѓународна сцена беше во последните десетина години од минатиот век. Тогаш Италија имаше вкупно 25 финалисти и тоа за еден повеќе од вкупниот број на сите екипи од Англија, Франција, Германија и Шпанија кои стигнаа до финалињата. Фасцинира и бројката на 13 освоени трофеи, само еден помалку од заедничкиот број на претставниците од четирите земји.

Во тој период најголема беше доминацијата во Купот на УЕФА каде Италија по освоени трофеи ги водеше со 7:2, а до нив стигна и преку четири италијанските финалиња, Јувентус-Фиорентина (1990), Интер-Рома (1991), Парма-Јувентус (1995) и Интер-Лацио (1998).

Во Лигата на шампионите Италијанците во периодот од 1989 до 1998 имаа дури девет пати финалист, пет пати финале играше Милан, три пати Јувентус и еднаш екипата на Сампдорија.

Овие историски успеси за Италија секако дека им донесоа доминација на ранг листата на УЕФА каде беа недостижни на првата позиција и тоа 15 години во периодот од 1985 па се до 2000 година.

Во новиот милениум Италијанците како да свртија нова многу понеуспешна страница. Во финалињата од најелитното клупско европско натпреварување ги има двојно помалку. Милан-Јувентус (2003), Милан - Ливерпул (2005) и (2007) и Интер - Баерн Минхен (2010).

Во Лигата на Европа како да крахираа. Во 90-те имаат 13 финалиња од кои седум трофеи, но откако Парма го подигна пехарот во 1999 година, тие заборавија што значи финале затоа што повеќе не го достигнаа.

Причините за нивниот драстичен пад на европската сцена се разбира дека се повеќе. Италијанското првенство го нема истиот квалитет кој пак многу порасна во Премиер лигата, Бундес лигата и Примера, а чизмата беше стресена од два огромни скандали со местење натпревари Калчополи (2006) и Калчоскомесе (2011).

Водечките екипи од Англија, Шпанија и Германија станаа многу помоќни, а кај дел од нив како газди застанаа мултимилијардери кои секоја година ги поместуваат границите во фудбалот. Ги купуваат најдобрите фудбалери и прават историски трансфери.

Предизвикот во второто по квалитет клупско натпреварување е посебна приказна за анализа во однос на ЛШ, а за тоа има многу факти. Само еден од поважните се премиите. За пласман во групната фаза во ЛШ се плаќа 8,6 милиони евра, додела во ЛЕ 1,3 милиони. Потоа секоја наредна премија драстично се разликува, а освојувачот во најсилното клупско натпреварување е побогат за четири пати од оној во ЛЕ.

Минатата сезона на пример, Валтер Мацари ги штедеше првотимците во ЛЕ, а Наполи делуваше незаинтересирано во тоа натпреварување каде беше елиминиран во 16 финалето од Викторија Плзен. Фудбалерите на Лацио пак стигнаа до четвртфиналето што е најголем успех за италијанските екипи во последните четири години во ЛЕ.

Ова натпреварување стана престижно за помалите екипи како Брага, Фулам, Еспањол и Алавес кои стигнаа до финале. Сезонава во ЛШ честа на италијанските екипи ќе ја брани Милан кој нема силен тим за освојување на трофејот, а во ЛЕ покрај Лацио и Фиорентина, се приклучија Јувентус и Наполи кои не успеаа да обезбедат осминафинале во елитата.

Слабиот пласман на претставниците во Серија А во Европа им донесе драстичен пад и на рангирањето на лигите во УЕФА. Од лидер во 90-те Серија А сега се наоѓа на четвртата позиција со 63.105 поени зад Германија која има 79.498. Втора е Англија со 82.320, а на челната позиција се наоѓа Шпанија со 88.427 поени.

Погубна за италијанските екипи беше 2011 година затоа што Бундес лигата изби на третата позиција на ранг листата и заедно со Шпанците и Англичаните имаат по четири претставника во ЛШ од кои две играат квалификации. Серија А пак откако ја загуби четвртата позиција, го загуби и четвртото место кое водеше во ЛШ.

Моќ и странски пари во иднина, италијанските екипи можеби ќе видат во инвестициите на тајкунот од Индонезија Ерик Тохир кој од неодамна стана нов сопственик на Интер и Американецот Џејмс Палота кој пред нешто повеќе од една година ја презеде Рома.

Мотивацијата во Лигата на Европа пак можеби ќе ја бараат од 2015 година кога победникот ќе има загарантирано учество во елитната Лига на Шампиони.

25 декември 2013 - 13:52