Талентираниот дефанзивец кој е кадарен да игра на било која позиција во одбрана, беше откупен од Интер и Џенова кои ортачки за големиот 16 годишен талент на Кротоне му искешираа 1,2 милиони евра.
По две години престој во младинскиот тим беше прекомандуван во првиот тим предводен од Бенитез кој го пушти во игра на 18 години. Во Серија А влезе против Парма на 28 ноември 2010-та како замена за Сантон, а на 7 декември заигра и во ЛШ против Вердер и го замени Занети.
Интер потоа одлучи да го прати на две позајмици во Верона и Кротоне, а во 2012-та го откупи целосно. Феличе потоа мораше да оди на операција поради проблеми со срцето и не смееше да игра фудбал пет месеци, исто како Антонио Касано. Вестите од докторите не беа добри и му препорачаа да се повлече, а Наталино на 30 октомври на Твитер објави дека и става крај на кариерата бидејќи се испостави дека има проблем од кој Морозини од Ливорно почина во 2012 година.
Му вградија дефибрилатор во градите, но тој реши да се не повлече целосно од фудбалот. Му дозволија да игра мал фудбал, а потоа почна да учи за тренер и да му помага на татко му во фудбалската школа за млади таленти. Инаку во негова чест во Интер го носеше дресот со број 57, датумот на кој е роден.
Тимот кој веруваше во талентираното момче кое како тинејџер се појави во елитното натпреварување во друштво на Ето, Самуел, Снајдер и компанија доби трета шанса за која сонуваше откако се повлече. Стана дел од стручниот штаб во младинскиот сектор на Интер, клубот за кој и навива.
Неговата кариера се движеше вака:
- На 16 години потпиша за Интер
- На 18 години дебитираше за прв тим
- На 20 години го напушти фудбалот поради аритмија на срцето
- На 21 година Интер продолжи да му дава плата
- На 23 години доби повторно работа во клубот
Ова е дел од едно негово интервју:
Откако одлучи да се повлечеш, како Интер ти излезе во пресрет?
Ми помогна финансиски и ми плаќаше уште година и пол колку што ми преостана од договорот. Гест кој малку клубови би го направиле.
Од кој играч на Интер се обидуваше да откриеш по некоја тајна?
Тогаш играв со Самуел, Лусио, Ето, Мајкон...Не знаеш од кај да почнеш, сите беа многу јаки. Се обидував од секој да научам по нешто.
Имаше ли некој играч кој застана блиску до тебе во тие лоши моменти?
Сите ми се јавуваа од Занети до Кордоба, од Морати до Аузилио. Интер и Морати со мене се однесуваа број 1.
Феличе Наталино денеска полни 24 години и вели:
Ако помислам на кутриот Морозини се чувствувам среќен. Денеска не играм повеќе фудбал, но жив сум.