Како Гаизка Мендиета ја накривил капата и станал диџеј

Во најдобрите денови од кариерата во Валенсија, легендарниот Шпанец често одел на журки каде што другар му пуштал музика но за да не го познаат во клубовите, ставал капа, наочари и застанувал зад пултот. Никој не можел да го препознае.

Црвени рефлектори биеле во три фигури со гитари. Свирела меланхолична песна. На подиум толпа народ пеела еуфорично:

...Пуштам телевизија, имаше утакмица,
и Мендиета даде гол, неверојатен гол.
А јас заплакав...

Никој и не забележал дека солистот во текстот спомнал: „И другарот Мендиета неверојатно ја жеже гитарата“.

Тоа се случило на сцената на музичкиот фестивал Benicàssim каде заедно со групата Los Planetas свирел и некогашниот најдобар фудбалер на Европа, легенда на Валенсија и на репрезентацијата на Шпанија. Освен Los Planetas, на познатиот фестивал во мало градче близу Валенсија во 2015-та настапувале и ѕвезди како Blur, Portishead, Kaiser Chiefs и Ноел Галахер.

***

Песната "Un buen día" е многу слушана од навивачите, иако не говори во целост само за фудбал: се работи за еден обичен дечко кој се за занимава со сè и сешто за да не мисли на поранешната девојка и да не жали за раскинувањето.

Неколку шпански новинари сакале да дознаат за кој гол на Мендиета пееле Los Planetas. Откриле дека се работи за голот против Барселона во четвртфиналето на Купот на Шпанија во 1999 година.

Барса тогаш изгубила и на двата меча: 2:3 Во Каталонија и 3:4 на Местаља. Во полуфиналето страшната генерација на Валенсија на легендарниот Клаудио Раниери се изживувала со Реал Мадрид (6:0 и 1:2) а во финалето го згромила Атлетико Мадрид со 3:0! Клаудио Лопез дал два гола во финалето а Мендиета одново направи чудесија и го постигна најубавиот гол во кариерата. Гаизка прими на гради еден центаршут на Романецот Адриан Илие, со еден потег исфрли неколку одбранбени фудбалери и распали во голот:

„Тоа беше најдобриот потег во мојата кариера и уште поважен за клубот кој дваесет години до тој момент ништо немаше освоено. Мојот прв трофеј, гол во финале - просто летав во облаци од радост“, се сеќава Мендиета на тој момент.

Неверојатно, но во последните три меча од Купот на Шпанија таа сезона, Валенсија постигнала 17 гола!

После Клаудио Раниери, Валенсија ја презеде Ектор Купер. Со Аргентинецот екипата од „Местаља“ два пати стигна до финалето на Лига на шампиони каде претрпеа болен пораз од Реал Мадрид на кого му ја земаа титулата во Примера, го истепаа на „Сантијаго Бернабеу“ претходно сезоната но немаа сили за финалето.

„За нас тоа беше ново и чудно. Ние не знаевме како се играат такви натпревари, а они знаеа. Уште не почна мечот - бам! бам! бам! резултатот веќе беше готов“.

Во следната сезона Валенсија извади страшна генерација со Рубен Бараха, Ајмар и Кили Гонзалес - екипа која изгледаше подисципилнирано но изгуби на пенали во финалето на Лига на шампиони од Баерн Минхен.

„Дали го заслуживме тој пехар? Го заслуживме и тоа како, но во фудбалот работите не функционираат така“, признал Гаизка.

***

Како тинејџер Мендиета три пати неделно тренирал атлетика во школо. Еднаш дури и го срушил шпанскиот државен рекорд во трчање на 2.000 метри, но на 16 години на совет на татко му одбрал фудбал.

Андрес Мендиета бил голман на Олимписката репрезентација на Шпанија во 1968 година и дури потпишал договор со Реал но за кралскиот клуб не дебитирал, туку настапувал за Депортиво и Кастељон. Во Кастељон Мендиета постариот влегол во тренерски води и логично таму кариерата ја започнал и син му.

Гаизка бил страшно брз: активно играл пресинг и покривал големо растојание на теренот. Кога ќе примел топка не мислел многу и одма ја давал до најблискиот соиграч.

„Јас не сум роден со природен талент. Мојата тајна на успех се тренинзи, тренинзи, тренинзи до доцна навечер“, раскажува Мендиета.

Тој вежбал удари со двете нозе, го развивал чувството за асистирање, работел на читање на играта.

Во Валенсија како помлад многу учел од Предраг Мијатовиќ и Љубислав Пенев кои постојано ги делеле тајните со младите таленти. А рецептот на совршен пенал го научил од најдобриот стрелец на Светското првенство 1994 година Олег Саленко:

„Олег не земаше брз залет, ќе се загледаше во голманот и ќе чекаше тој да падне за шутира во спротивниот агол“.

Интересно е што Мендиета ги дал сите голови од пенал така но само еднаш го провалиле: Голманот на Лион Грегори Купе го проценил неговиот шут во Лигата на шампионите 2000/2001.

Преломен момент во кариерата на Мендиета станал преминот во Лацио: За најдобриот играч во Европа во тој момент Римјаните платија 48 милиони евра! Гаизка се согласи на трансфер поради нови предизвици но се испостави дека згрешил:

„Ми беше тешко: нашиот фудбал беше побрз и подинамичен, а италијанската тактика беше само на резултат“, се сеќава Мендиета на периодот во Лацио.

Ретко беше во составот, му падна формата а тифозите разочарани кренаа парола: „Мендиета, не вредиш ни пезетка“.

Тогаш Луј ван Гал го викна Гаизка на позајмица во Барселона, но и таму следуваше ново разочарување: Мендиета го исвиркаа на „Местаља“ кога и даде гол на Валенсија од пенал. Во Барселона Мендиета го начекал младиот Меси кој тогаш тренирал со младинците: „Памтам, за Аргентинецот зборуваа како за новиот Маадона. Често збореа така за млади таленти, и тоа беше прв случај кога се испостави за вистина“.

Каталонците набрзо имаа финансиски проблеми и не можеа да го откупат договорот на Мендиета. Гаизка на крај заврши во Мидлзборо: таму живна, даваше ефектни голови од далечина, и помогна на екипата да го освои Лига Купот а подоцна се опоравуваше од повреди.

***

По завршувањето на кариерата Мендиета останал во Англија каде се уште живее со жена му Хелен во малиот град Норт Јоркшир. „Научив многу англиски традиции: сакам fish&chips и обожавам утринска шолја чај“, вели Мендиета.

По крајот на играчката кариера, Мендиета активно инвестирал во ресторани и недвижнини и сега управува со бизнисот. Многу патува и ужива во времето со семејството а често е и стручен коментар за Sky Sports.

Но главниот извор на drive во животот му е музиката. После појавувањето на музички фестивал со гитара во рака, Мендиета сега регуларно пушта сетови и работи како диџеј во ноќните клубови во Лондон и на Ибица.

Како мал собирал плочи а во времето во Валенсија за добра музика често заглавувал по ноќни клубови дури и пред натпреварите.

„Секогаш беше моја страст. Еден другар имаше продавница за дискови и плочи и тој одвреме навреме пушташе музика. Тајно одев во клубот, ставав капа, шал и наочари за никој да не ме познае и застанував зад пултот. Никој не знаеше дека сум јас. Многу ми се допаѓаше тоа“, раскажувал Мендиета по крајот на кариерата.

Најомилена група му се The Doors а сака да слуша инди муѕика, соул и електронска.

"Работата на диџејот воглавном е да ја чувствуваш публиката и брзо да реагираш, како на фудбалски терен. Никогаш не сум имал составен список на траки. Имам неколку песни за почеток а понатаму се ориентирам според расположението на луѓето. Кога пушташ трака и гледаш дека луѓето паѓаат во транс, играат и скокаат тоа е како кога даваш ефектен гол".

 За разлика од многу фудбалери, Мендиета не паднал во депресија по крајот на кариерата.

„Никогаш не сум размислуваш што ќе правам после фудбалот. Тешко беше да го замислам преминот од Кастељон во Валенсија, тоа изгледаше нереално. Но се случи. Играв во примера, во Серија, во Лига на шампиони, на Светско. Играв на Рома - Лацио и Барселона - Реал а тоа се најголеми дерби на светот. Ми останаа многу прекрасни емоции и спомени. Немам за што да жалам“.