Фудбалскиот бубатор кој го основал Трансфермаркт, најголемиот портал кој работи како Википедија

Интересна приказна има основачот на сајтот без кој не може да помине некој муабет за трансфер, за вредност на играч или фудбалски гласини. Почнал од 0 па го продал мнозинскиот пакет акции за 10 милиони евра.

Матијас Ѕајдел од дете многу сакал фудбал. На 10 години често седел во својата соба и на магнетофон со касета во улога на коментатор го диктирал составот на Вердер Бремен.

Пред себе Матијас имал листови со табелата од Бундеслига и следните кола од првенството. На друг лист ги запишувал резултатите на Вердер Бремен.

Во 2000. година, 30-годишниот Ѕајдел го основал сајтот Transfermarkt.de, кој со текот на времето стана најголем фудбалски портал за трансфери и еден од најпопуларните спортски ресурси во Европа (дневно има милионски посети, база на податоци за 600.000 играчи, тренери, тимови).

TRANSFERMARKT.DE ИМА ГОЛЕМА ЗАЕДНИЦА, КОРИСНИЦИТЕ САМИ МОЖАТ ДА ОПРЕДЕЛАТ ВРЕДНОСТ И ДА ГО ПОЛНАТ САЈТОТ СО ПОДАТОЦИ

Порано да се дознаеа податоци за вредноста и договорот на некој играч, можеше само во случај ако го купи друг клуб.

Матијас тогаш смислил нов модел за оценка на фудбалерите и објавил ценовник на секој познат играч.

Трансфермаркт е прв фудбалски портал основан на принцип на Википедија (основана во 2001-ва), каде корисниците може самостојно да ја менуваат содржината на сајтот: да прават нови профили на играчи, на клубови и турнири, да допишат опис на стадион или да ја корегираат вредноста на некој фудбалер.

Според податоците на Medialmpact од 2018-та, 84% од посетителите на сајтот се мажи, 16% се жени. Најголем процент (27%) се посетители на возраст над 50 години. 

ПРВАТА ПОПУЛАРНОСТ САЈТОТ ЈА СТЕКНАЛ КАКО РЕЗУЛТАТ НА СЕРИОЗЕН ИЗБОР НА ТРАНСФЕР ГЛАСИНИ

Прво главниот уредник на сајтот Ѕајдел сите информации ги собирал сам, ама после една година сфатил дека не може да се справи. Се поврзал со слични фудбалски бубалици како него и праќал покани преку неколку форуми на клубови од Бундеслига.

„На почетокот на 2000-те години малку од германските спортски весници имаа онлајн верзии. Јас барав аматерски статистичари од разни реони во Германија да ни праќаат податоци за на сајт. Тие самостојно следеа резултати од натпреварите, состави на екипите, вести од клубовите и трансфер муабети.

Тогаш немаше така често трансфери како денес. Не сум сигурен дека сега би можеле да ги проследиме сите трансфери“, рекол Матијас во едно интервју за Гренц Ехо.

Во јуни 2003-та година Transfermarkt.de прв од сите германски медиуми ја објавил веста дека Јуп Хајнкес ќе го презема Шалке.

Како е можно толку мал и непознат поратл да објави толку силна ексклузива? Просто: Хајнкес имал неискусен агент кој прозборел пред време.

„Мислам дека ние толку добро стартувавме зошто секогаш имавме најјаки и најреални трансфер гласини. Многу менаџери сакаа да се дружат со нас, но ја проверувавме секоја информација и никогаш не објавуваме лажни гласини“.

Во 2004-та година хобито им прераснало во професија. Ѕајдел изнајмил канцеларии во Хамбург а со него имал уште тројца луѓе. Постепено управите на клубовите го признале реномето и авторитетот на Трансфермаркт и почнале да ја кажуваат вредноста на играчите.

ТОП10 СЛУЧАИ КОГА ЦЕНАТА НА ИГРАЧ НА ТРАНСФЕРМАРКТ ВО ЦЕЛОСТ СЕ СОВПАЃАЛА СО РЕАЛНАТА СУМА НА ТРАНСФЕРОТ

1. Лука Јовиќ од Ајнтрахт во Реал (60 милиони евра - 2019)

2. Фабињо од Монако во Ливерпул (45 милиони евра - 2018)

3. Хаким Зиеш од Ајакс во Челси (40 милиони евра - 2020)

4. Малком од Барселона во Зенит (40 милиони евра - 2019)

5. Себастијан Алер од Ајнтрахт во Вест Хем (40 милиони евра - 2019)

6. Леонардо Бонучи од Милан во Јувентус (35 милиони евра - 2018)

7. Серхио Рамос од Севиља во Реал Мадрид (27 милиони евра - 2005)

8. Аксел Вицел од Тјанцин во Борусија Дортмунд (20 милиони евра - 2018)

9. Ѓердан Шаќири од Интер во Стоук Сити (17 милиони евра 2015)

10. Давид Виља од Сарагоса во Валенсија (12 милиони евра - 2005)

ТУРСКИ КЛУБ МУ НУДЕЛ ЛЕТУВАЊЕ ВО ОЛ-ИНКЛУЗИВ 2 НЕДЕЛИ САМО ДА ЈА КРЕНЕ ЦЕНАТА НА ЕДЕН ИГРАЧ

„На почетокот на 2010-те години, еден турски клуб ми понуди двенеделно летување на море со суптилно барање да ја зголемиме вредноста на нивниот лидер кој сакале да го продадат. Јас на време сфатив и пристојно ги одбив. И многу слични понуди имав“, признава Ѕајдел во интервју за 11Freunde.

Но и Ѕајдел некогаш не можел да го исконтролира навивачот во себе. Така во 2003-та година неговиот Вердер ги понудил последните пари за да ги продолжи договорите со своите најдобри играчи Младен Крстајиќ и Аилтон. Но во преговорите тајно се вмешал директорот на Шалке Руди Азауер.

Тој им понудил повеќе пари на играчите за да преминат во Гелзенкирхен и тие прифатиле Ѕајдел подоцна го тргнал Шалке од табелата на Бундеслига од својот сајт (оставил 17 клуба) па после морал да се извини пред корисниците.

Целата редакција на Трансфермаркт.де, па и корисниците не ги кријат своите симпатии кон клубовите. Почнувајќи од генералниот директор на до волонтерите

Сајтот има свои луѓе дури и во Џибути и на Фарски Острови.

ВО 2008 ЅАЈДЕЛ ГО ПРОДАЛ КОНТРОЛНИОТ ПАКЕТ АКЦИИ НА МЕДИАХОЛДИНГОТ AXEL SPRINGER-VERLAG

Гигантот Axel Springer, кој има годишен обрт над 3 милијарди евра, никогаш официјално не ја соопштил сумата за која ги купила акциите на Трансфермаркт, но според гласините станува збор за 10 милиони евра.

Од 2009-та година сајтот почнал активно да се шири. Денес Трансфермаркт.де е достапен на 10 јазични платформи (Англија, Италија, Франција, Шпанија, Португалија, Полска, Русија, Холандија, Турција и САД).

Уште 10% од акциите Ѕајдел и продал на австрискиот комуникациски гигант Е2 кој се занимава со споделување на спортска содржина.

Но Матијас рекол дека никогаш нема да го остави сајтот и планира да го прошири. Во моментов со политиката на сајтот раководат 35 луѓе (само од германската канцеларија).

Денес рејтингот на Трансфермаркт.де е во пет најпопуларни спортски сајтови во Германија. Но неговото место силно зависи од месецот. Традиционално во јануари и август се на трето место со по +100 милиони посети во месец, но во ноември и март „паѓаат“ на 50 милиони.

Притоа единствен ресурс на Трансфермаркт.де е фудбалот. Неговите главни конкуренти - Kicker, Sport1 и Bild (исто дел од холдингот (Axel Springer) не пишуваат само за фудбал.

Околу 54% од аудиториумот на сајтот е германски а сите други се странски корисници.

„Трансфермаркт е дел од мојот живот. Не мислам дека некогаш ќе дојде момент кога ќе сакам да ја оставам компанијата. Ќе продолжам да го работам ова зошто го сакам“, заклучува Ѕајдел.

8 мај 2020 - 12:15