Дарко Панчев и ден денес е синоним за најдоброто време на југословенскиот клупски фудбал. Неговите голови против Пантаинаикос во Атина и против Марсеј во Бари ќе останат запаметени како едни од поубавите во историјата на Црвена Звезда и југословенскиот фудбал воопшто.
За „Кобра“ кој четири сезони по ред знаеше каде да се намести пред голманите и беше прв стрелец во југословенскиот фудбал во 1983/1984 (19 голови), 1989/90 (32 голови), 1990/91 (34 голови) и 1991/92 (25 голови), при крајот на јули 1992. година италијанскиот Интер на Звезда ѝ платил 14 милијарди лири или околу 14 милиони марки. Дарко потпиша 5-годишен договор со Интер.
Во Серија А Панчев им се придружи на довчерашните колеги, Савичевиќ во Милан, Михајловиќ во Рома и Југовиќ во Сампдорија.
„Пресреќен сум што дојдов во Интер. Знам дека овде натпреварувањето е сурово, но тоа е одлично затоа што што е поголем предизвикот и целта, толку е послатко кога ќе го остварите. Јас имам ретка дарба што ја немаат многу луѓе. Јас давам голови. А тоа е посебно добро за Интер на кој му се потребни голови", изјави тогаш Панчев кој во Интер дојде со 27 години.
Ако за неговите колеги од Звезда може да се каже дека фудбалски блеснаа во Италија, тоа за жал не можеше да се каже за Панчев. Иако со 27 години веќе беше зрел центарфор, во Интер не го препознаа неговиот талент. По разочарувачката претходна сезона, на местото на Луис Суарез тренер на Интер стана Освалдо Бањоли кај кого Дарко Панчев беше во немилост.
„Филозофиите не ни се согласуваат, имаме различно гледиште на фудбалот. Јас барам од него да работи напорно за доброто на тимот, а тој сака да биде човек што само ќе дава голови“, велеше Бањоли за Македонецот.
Како резутлат на тоа, тренерот Бањоли го донесе Уругвајскиот напаѓач Рубен Соса, но и херојот на Италија од СП 1990-та Салваторе Скилачи.
„Панчев мора да го смени менталитетот ако сака сигурно место во тимот. Мора повеќе да учествува во акциите и да се враќа назад кога е потребно. Знам дека може и затоа инсистирам. Милан го направи тоа со Ван Бастен кој сега трча повеќе“, продолжи Бањоли да го мотивира Панчев.
За жал немало компромис и резултатот беше Панчев на клупа сè почесто. Првиот гол го постигна по зимската пауза против Удинезе во јануари 1993. година. Панчев живна и во Купот на Италија каде постигна четири голови на пет натпревари.
Следното лето 1993. година во Интер дојде Денис Бергкамп, и тоа беше знак дека за Македонецот нема да има многу простор, па единствено решение му беше или да оди на позајмица во Локомотив Лајпциг или да седи на трибините. Кобра се реши да се проба во Бундеслигата, но и таму имаше проблем со ефикасноста и даде 2 гола на 10 меча, а Лајпциг испадна од лигата.
Бергкамп на промоцијата во Интер се потруди да збори италијански:
Во Милано решија да му дадат отказ на Бањоли, дојде Октавио Бјанки како нов тренер во сезоната 1994/1995. Панчев ја отвори сезоната со гол во победата против Фиорентина и еден во поразот од Бари, но стигнаа повредите и напаѓачот забележа само седум настапи и двата споменати гола.
„Интер беше најголема грешка во мојот живот, затоа што во Италија прерано ја затворив кариерата. Во 1991-ва сакав да играм во Милан, Барселона, Манчестер Јунајтед или Реал Мадрид. Ме бараа сите а јас завршив во Интер кој практикуваше дефанзивен фудбал и ми нудеше по две шанси максимум од натпревар. Интер ме уништи, но не само мене туку и Јонк, Замер, Шалимов и Бергкамп", призна подоцна Панчев.
Претседател на Интер стана Масимо Морати, кој дојде на местото на Ернесто Пелегрини (прв човек на Интер од 1984 до 1995). Морати ја прифатил понудата на германската Фортуна Дизелдорф за Панчев и тоа во време кога италијанската јавност го шиканираше како најголема утка на Нераѕурите.
Дарко играше една сезона во Фортуна Дизелдорф, потоа се пресели во швајцарскиот Сион со кој во последната сезона во кариерата во 1996/1997 ја освои двојната круна. За Сион одигра 5 средби и не даде ниту еден гол. Кариерата ја заврши на 32 години, а денес привремено е гостин во спортските емисии. Работеше и како стручен коментатор за МРТ за време на Мундијалот 2014-та во Бразил.