Во детските првенства во Аргентина на времето имало правило: мечот се прекинува ако една од екипите прими 7 гола.
Кога 5-годишниот Икарди дошол да игра фудбал во Сарате, сезоната во детската категорија не можела да се доигра: секој натпревар завршувал уште во првиот дел. Маурито давал голови како од шега.
Икарди брзо станал најдобар стрелец во земјата во генерацијата ’93.
Барселона не го нашла него во Розарио. Семејството на Икарди се преселило на Канарски острови поради длабоката криза во Аргентина, кога Мауро имал 9 години. На островите Икарди некое време помагал по локалните барови, а на 13 години го баталил школото и во животот му останале само головите.
Шест години поминал во клубот од Канарски острови „Весиндарио“ (тимот се натпреварува во Терсера, четврта лига по важност во Шпанија) и таму според некои дал повеќе од 500 гола (според некои податоци прецизната бројка е 384 погодоци).
За него се расчуло по цела Шпанија и брзо скаути пратиле Барселона, Реал, Ливерпул и Севиља. Но Каталонците се испоставиле како најконкретни особено поради помошта од Меси кој веќе станал најдобар на светот на своја возраст и му пратил фотографија со автограм на Икарди и натпис: „Тргни по мојот пат.“
„Кога Мауро имаше 12 години, го видов на еден натпревар против ПСЖ. Зачудувачка беше неговата физичка снага. На 13 години веќе имаше девет понуди од големи клубови, а тој сакаше само во Барса“, се сеќава скаутот Абриан Морено кој патувал од Каталонија до Канарски острови да го гледа малиот Аргентинец.
Икарди од тој период се сеќава: „Немав ни најмал сомнеж за премин во Барселона. Само будала може да се откаже од најдобрата академија на светот.“
За што побрзо да го добие Маурито, Барселона правела се. На неговите родители им кажале дека ќе има големи примања уште на таа возраст (постои мит дека станал најскапо платениот 14-годишник во историјата на шпанскиот фудбал), а го активирале и Меси. После една година Икарди го облекол дресот на Барселона.
„Без разлика каде играше, тој даваше голови секогаш“, раскажува татко му Хуан кој го внел син му во фудбалот: во детството стариот Икарди играл за Розарио Сентрал, но професионално не продолжил затоа што останал без татко на 15 години и морал многу да работи за семејството да преживее.
Климата во Барселона и на Канарски острови не се разликува многу, менталитетот на луѓето е речиси ист, говорното подрачје му годело на Мауро па така можел да мисли само на фудбалот. И брзо станал најдобар во прочуената Ла Масија - бил препознатлив по широките раменици, висок и се истакнувал по физичката надмоќ над врсниците.
Во првата сезона Икарди за младинците на Барселона дал 19 гола а следната година станал најдобар стрелец на екипата со 17 погодоци.
Но дека медалот има две страни, така и на Икарди не му било се како од соништата: Не му одело добро во интернатот, не го дружеле многу. Соигачите се држеле заедно на терен и во интернатот, оделе на Ибица преку лето, па Мауро се чуствувал како одвишок.
„Мауро секогаш мислеше и зборуваше само за семејството, со екипата беше слабо поврзан“, се сеќава Ориол Ромеу кој исто не заигра во првиот тим на Барса туку голобрад отиде во Челси и Саутемптон.
Се ова се одразило и на терен. Во првиот тим се правеше револуција: Ибра беше главен во шпицот, Лео Меси главен на теренот, па на Гвардиола не му требаа напаѓачи. Ла Масија брзо се престрои под новиот стил па од Икарди барале да се враќа до среден ред за да игра со повеќе додавања.
„9-та го изгуби статусот најважен играч на теренот, улогата на центарфор се смени. За Мауро веќе немаше место во шпицот од нападот. Оскар Гарсија, тренер на младинците почна да игра со лажна 9-ка како Гвардиола со првиот тим и во нападот го играл Рафиња Алкантара (по авантурите на позајмици летово го вратија во Барселона и брзо стана носител на играта). Тогаш Мауро реши да си оди од клубот“, одлично памети Абриан Морено.
А клубот брзо нашол повод и оправдание за отпуштањето на Икарди. Мауро епски го прославил 17. роденден, прскал со ПП апарат во интернатот и правел циркузи па тоа била причината поради која од управата му ја покажале вратата.
Следниот ден неколку учесници на инцидентот стоеле пред директорот на Ла Масија - сите се правдале дека прскале некои непознати кои влегле во интернатот и кои првпат ги виделе, само Икарди ја кажал вистината и признал дека тој прскал. Го избркале без да трепнат.
Во станот во Барселона Мауро често носел друштво, организирал забави („Секоја девојка имав друга девојка“), спремал вечера за Меси кој пак го викал да играат Plastation кај него.
Новинарот Хауме Маркет тогаш пишувал дека Икарди е еден од најдобрите играчи во историјата на Ла Масија кои тој ги видел. Но Барса едноставно не сакала таков напаѓач. Се поздравиле и разделиле: Икарди добро знаел дека неговиот стил на игра не се совпаѓа со филозофијата на Гвардиола, ги спакувал куферите и отишол во Италија.
„Се скаравме, и јас се преселив во Италија од каде имав понуда, зошто бев убеден дека доброто нема допрва да дојде. Фудбалер со мојот стил нема да заигра за Барса дури и ако Ибра не се докаже. Не жалам за ништо“, отворено зборувал Мауро.
Барселона решила да ја прифати понудата од 300.000 евра од Сампдорија. Во Џенова ги триеле рацете и знаеле дека можат многу да добијат.
ШТО ИЗГУБИЛА БАРСЕЛОНА?
Во Италија ден-денес обожаваат гол-играчи како Батистута па во Икарди гледале наследник на олд-скул шпицот Габриел кој знае само за јак пресинг и гол од прва.
Икарди не трча како Обамејанг. Не дрибла како Меси, нема моќ и раст како Лукаку, не шутира како Роналдо. Но и покрај тоа веќе дал 114 гола во Серија А! Сто и четиринаесет (од моментот на деби во Италија повеќе има само Игуаин - 115).
Маурито од детството научил да паѓа но што е поважно и брзо да стане. Шпиц со таков инстикт е ноќна мора за стоперите кои не можат да го задржат.
„Икарди е совршен центарфор. Дава со десна, со лева, со глава. Многу брзи размислува на теренот а во воздушни дуели е јак како бик. Се движи како шеснаесетникот да му припаѓа нему, има лажни движења, одвлекува маневар, има нагла промена на темпо, удар, скок. Се што треба за гол“, го фали Икарди неговиот сонародник Ернан Креспо.
Сето што го наведува Креспо е одличен пример за инстинкот на Мауро. Тој е единствен човек во шеснаесетникот кој ја разбира траекторијата на топката и знае каде таа ќе падне.
Еден од најголемите „тешкаши“ во историјата на италијанскиот напад, Бобо Виери за Икарди вели:
„Мауро е одличен затоа што секогаш е на право место во право време. Тој е неверојатен бомбардер. Мислам дека Донарума не е толку крив за голот затоа што Икарди знае кај ќе падне топката. А знаат и крилата на Интер па постојано центрираат во шеснаесетникот. Центаршутите се дел од тактиката на Спалети и едно од оружјата на Интер.“
Мауро Икарди е висок 181 сантиметар но и покрај тоа тој владее во воздухот. Во сезоната 2016/2017 тој постигнал најмногу голови со глава во сите Топ5 лиги (дури 13 гола) иако е понизок и од Мората и од Жозе Вилијан и од Кристијан Стуани, и од Лукаку.
„Икарди просто не дава само голови, туку ги дава во најважни моменти. Големи се оние играчи кои носат решавачки одлуки во право време. Би сакал некогаш да сум играл со него во нападот“, вели Алесандро Дел Пјеро кој во кариерата беше во тандем со расни голгетери.
Барселона се откажала од најопасната 9-ка на светот во моментов. И секој гол на Икарди докажува дека каталонската ДНК не е најважна во фудбалот денес.