Карло Анчелоти има освоено 5 титули во ЛШ како тренер, но и две како играч на Милан (1989 и 1990). Тренер му беше Ариго Саки, кој поради здравствени проблеми ја заврши тренерската кариера на 55 години во Парма 2001-ва.
Сега има 78 години и редовно гостува по телевизии како стручно лице. Многу искусно и со едноставни зборови ги објаснува квалитетите и тајните на како што тој сака да го вика нагалено, Карлето.
„Мојот Карлето стигна до петти трофеј во ЛШ и тој е секогаш главен лик. Причината е едноставна. Тој е феноменален, има искуство, знае сè за фудбалот, дури и најмалите тајни и пред сè тој е личност која знае како да биде сакан од играчите, управата, навивачите. Голем дел од заслугите одат кај него за овој успех, бидејќи овој Реал Мадрид е тим кој знае да се бори, кој не се предава, кој има цврст и решителен пристап кон мечот и кој го почитува противникот.
Ги пренесе овие вредности во средина која на моменти имаше погрешна претпоставка и заради славата од минатото повеќе веруваше во себе отколку што другите веруваа. Овие момци сега, од најмлади до најстари, од Винисиус до Крос, се борат за секоја топка со дух кој заслужува аплаузи“.
Негувањето на Винисиус
„Во првото полувреме ја видовме техничката незрелост на Борусија Дортмунд, екипа која не е навикната да игра на вакви сцени. Имаше контранапад на Германците во кој имаше шест играчи во жолти дресови наспроти тројца на Реал Мадрид. Не го искористија, а јас си го замислив лицето на Карлето во тој момент. Сигурно ја подигнал вообичаената лева веѓа и дал знак на центаршут, бидејќи во таква ситуација е многу лесно да се прими гол. Наместо тоа, Борусија Дортмунд не знаеше како да ги заврши тие акции кога имаше шанса, а потоа логично е да се поклони на силата и класата на мадриѓаните.
Не беше тоа убав натпревар, но финалињата и тешко се убави за око. Во првото полувреме му се восхитував на голманот Куртоа кој по повредата цела сезона и со само неколку натпревари за загревање се покажа како џин. Го држеше тимот под контрола кога Германците беа опасни кон неговиот гол. И тогаш Винисиус, мама миа. Имаше мотор во нозете, удари, контра удари, дриблинг, голема ладнокрвност пред голот. Ова момче, кое многу порасна во последните години, е доказ за квалитетот на работа на Карлето. Бразилецот има талент за извос, но Анчелоти знае да го негува тој талент, му помогна да созрее, му даде на значење, а тоа се работи кои се неопходни за да се стане шампион.
Но, видовте ли колку и како трчаа играчите на Реал во последните минути, да ја вратат топката во свој посед, да не им ја препуштат на Германците, да управуваат со играта? Тоа значи дека имаат многу силен тимски дух кој во комбинација со големата мотивација и игра која секако не им недостига на Шпанците е една од состојките за постигнување успех“.
Вештината и понизноста
„Веќе не знам што да кажам повеќе за Карлето. Секој пат ме восхитува. Покажува завидна смиреност, иако знам дека од внатре трепери, дека би сакал да влезе на терен и пред натпреварите се вознемирува. Знае секогаш како да ги поправи работите, како да корегира нешто кај одреден играч.
Ги слуша советите на своите соработници, пред сè синот Давиде кој му станува сè поважен. Тој добро знаеше дека Борусија Дортмунд е опасна бидејќи е силна физички и дека ќе притиска, особено на стартот. Карлето е махер бидејќи знаеше да им ја објасни оваа карактаристика на своите играчи и да ги убеди да останат смирени. Чекаме вистински момент и потоа удираме. Така и беше, а по голот на Карвахал немаше повеќе фудбал. Повторувам, целосна заслуга на Реал Мадрид за она што го демонстрираа за време на финале. Карлето стигна до двојна круна. Нема поголем победник од него“, заклучува Саки