Јувентус ова лето потроши 148 милиони евра за нови играчи, Интер 99,5, а Наполи 88 или вкупно 335 милиони евра само овие три клуба. Италијанските медиуми пишуваат дека со години не се инвестирало толку многу за засилувања во Серија А.
Дел од причините за овие големи суми кои се излеаа од касите на големите италијански клубови лежат во продажбата на големите две супер ѕвезди. Јувентус доби 105 милиони евра од Манчестер Јунајтед за продажбата на Погба, а во Неапол искешира 90 милиони за Игуаин.
Покрај големото засилување во напад, италијанскиот шампион на Рома и плати 32 милиони за Пјаниќ, потоа 23 милиони за Пјаца од Динамо Загреб и 3 милиони евра за позајмицата на Бенатиа од Баерн Минхен.
За Дани Алвеш пари не требаше да издвојат бидејќи дојде како слободен играч, но сумата од 148 милиони за трансфери можно е да расте бидејќи се крчкаат уште две големи засилувања со кои Јуве ќе има финале за оскар во трансфер периодот. Тоа се Квадрадо од Челси и Витсел од Зенит.
За разлика од кинеските газди кои за сега се покажуваат како циции во Милан, Кинезите во Интер се фатија за работа. Дојде Евер Банега од Севиља за без пари, бекот Кристијан Ансалди од Џенова за 2 милиони и потоа почнаа со крешендо.
Антонио Кандрева од Лацио се смета за големо засилување во средниот ред кој го купија за 22 милиони евра + 3 милиони бонуси. Истовремено од Бразил пристигна големиот талент на Сантос, Габриел Барбоза познат како Габигол. Цената која ја платија за 20 годишниот напаѓач кој играше на Олимпијадата во тандем со Нејмар изнесуваше 27,5 милиони евра.
Најскапото засилување на Интер ова лето е трансферот на Жоао Марио од Спортинг Лисабон. 23 годишниот играч од среден ред го платина 40 милиони евра + 5 милиони бонуси и тој е всушност второ најскапо засилува во историјата на Интер по Бобо Виери.
Доста активни беа и Наполитанците. Дупката во напад ќе се обидат да ја пополнат со младиот Аркадиуш Милик од Ајакс вреден 33 милиони евра кој играше за Полска на Европското првенство.
Уште во мај месец за во одбрана го обезбедија Лоренцо Тонели од Емполи кој го платија 9,5 милиони вера, а веднаш после Европското го купија Џакерини од Сандерленд за 1,5 милиони.
Во вториот дел од трансфер пазарот донесоа тројца квалитетни играчи од среден ред. Зиелински од Удинезе за 15 милиони евра, Рог од Динамо Загреб за 13,5 милиони и Дијавара од Болоња за 15,5. Сумата од 88 милиони Наполи ќе ја надмине бидејќи на дестинација Торино – Неапол денеска патува дефанзивецот Никола Максимовиќ чиј трансфер ќе изнесува 30 милиони евра.