Само 16 секунди му беа потребни на 46 годишниот Миура да постигне гол на мечот помеѓу неговиот тим Јокохама и Точиги во рамките на втората дивизија во Јапонија. Со тоа тој стана најстариот играч во светот кој со 46 години, 4 месеци и 7 дена успеал да постигне гол.
Тој практично си го собори сопствениот рекорд кој го постави пред нешто повеќе од една година, а на втората позиција се наоѓа бразилската легенда Зико кој беше стрелец на 41 година.
„Примив една одлична топка, а сето останато беше исто како Нејмар. Гледав многу натпревари со него и можам да кажам дека мојата лева нога функционира исто како неговата", изјави легендарниот Јапонец.
Миура во 1982 година ги напуштил училишните клупи во Јапонија и на 15 годишна возраст отпатувал во Бразил со желба да стане фудбалер. Во 1986 година го потпишува првиот професионален договор со тимот на Сантос и од тогаш стартува неговата "вечна" кариера.
Покрај во Бразил и Јапонија, Миура минал по една сезона во Џенова и Динамо Загреб. За селекцијата на Јапонија настапувал 10 години, а од минатата година тој е член на футсал репрезентацијата на својата земја. До сега на сите натпреварувања има 678 настапи и 208 гола.
Во 1993 година станал првиот добитник на наградата за најдобар фудбалер на Азија, награда која од тогаш ја доделува Азиската Фудбалска Конфедерација.
На 18 септември 2007 година чуварот на мрежата на Лацио со 43 години и 168 дена стана највозрасниот играч во Лигата на шампионите на мечот против Олимпијакос со што го собори рекордот на Алесандро Костакурта од Милан кој настапи со 40 години и 211 дена.
Ние го имаме поранешниот репрезентативец Тони Мицевски кој на 43 години настапува во третата македонска лига за родното село Поешево, Битолско, но Јапонецот Миура се уште е недостижен. Неговата долга 27 годишна кариера е доказ дека играчите доаѓаат и си заминуваат, а легендите остануваат вечни.