Ако ова што се пишува во Италија е вистина, а се надеваме дека е, тогаш имаме бомбастичен трансфер на Елиф Елмас од Фенербахче во Наполи за кој ќе чекаме и официјализирање за да може да се израдуваме со уште едно наше дете во Серија А.
Спорт Медиасет го стави македонскиот репрезентативец на насловна на која стои: Наполи го купи Елмас, во Фенербахче ќе легнат 15 милиони евра плус бонуси.
Не звучи воопшто лошо, ако се знае дека има само 19 години, а ќе игра во една од најсилните 5 лиги во Европа и тоа во состав кој го води големо и славно тренерско име кое има задача да му пркоси на Јуве.
„Карло Анчелоти е задоволен. Бараше засилувања во среден ред и по заминувањето на Диавара, клубот постигна договор со Фенербахче за 19 годишниот Елиф Елмас. Фудбалерот по потекло од Македонија и пријател на Горан Пандев денес или утре треба да пристигне во Италија на медицински прегледи и да потпише договор. Инаку Елмас беше на мета и на Фиорентина и Интер“, стои во дел од текстот на Спорт Медиасет.
Денеска за Елмас потврдува и Кориере дело Спорт
Како и fanpage.it каде пишува дека Елмас ќе потпише 5 годишен договор за годишна плата од 1,2 до 1,5 милиони евра, понуда која ја имал и од Атлетико и Интер.
Според Скај Спорт останува уште да се испеглаат разликите меѓу двата клуба од 7 милиони евра, бидејќи Наполи наводно нудел 13, а Фенербахче барал 20 милиони евра.