Италијанец е, а им забранува пица на фудбалерите

Ерата на Антонио Конте во Челси почнува со нов строг режим на исхрана кој ќе треба да го почитуваат играчите, исто како што скоро направи и Пеп Гвардиола во Манчестер Сити.

Од менито на Челси Конте ја исфрли пицата, газираните сокови, кечапот и разни сосови.

Новите правила на италијанскиот стратег играчите ги дознаа по три неделната турнеја и во очи на новата сезона во Премиер лигата која стартува овој викенд.

Јадењето неколку часа пред натпревар ќе биде задолжително, но тоа не смее да бидат тестенини, јајца, туку најчесто салата и пилешко. Стоп за пицата која фудбалерите си ја дозволуваа по завршувањето на натпреварите, а меѓу дозволените зачини стојат сол, бибер, балсамиран оцет и маслинов зејтин.

Сличен начин на исхрана летово воведе и Гвардиола во Манчестер Сити. Минатиот месец дефанзивец од клубот изјави дека ако некој тежи 60 килограми, а стигнал до 70, не може да игра фудбал.

Шпанскиот стратег за да има поголема контрола на работите околу исхрана, вовел правило пред секој натпревар на домашен терен сите заедно да јадат на Етихад стадионот.

Манчестер Сити во сабота го пречекува Сандерленд, а Челси в понеделник е домаќин на Вест Хем.

12 август 2016 - 09:58