Свечената церемонија на отворањето на Европско првенство 2020 беше во знакот на 24 селекции учеснички на континенталниот турнир. Стартот на најголемиот настан во светот летово го најави легендарниот маестро Андреа Бочели со хитот „Несун дормa“ на стадионот „Олимпико“ во Рим.
Италијанците ја продолжија неверојатната серија од 28 меча без пораз која што ја почнаа уште во есента 2018-та. Италија нема пораз ниту на официјални ниту на пријателски натпревари.
Серијата трае уште од 10 септември 2018-та кога последен пат изгубија, 0-1 од Португаија. Фрапантно делува фактот дека Италија нема ниту примено гол на последните 9 меча по ред!
Последен пат Италија била рекордна во далечните 1930-ти години кога имале серија од 39 меча без пораз.
Притоа Кјелини, Имобиле, Кјеза, Инсиње и екипата имаат 23 победи и 5 нерешени средби со невозможна гол разлика 77:7. Триумфот против селекцијата на Шенол Ѓунеш им е деветта победа по ред после две ремија.
EURO 2020 Opening ceremony at the Olimpico in Rome! 😍#EURO2020 pic.twitter.com/ADcB2yZZIE
— UEFA EURO 2020 (@EURO2020) June 11, 2021
Веднаш по отворањето Италијанците тргнаа по целиот плен, пред свои но и пред турски навивачи на најубавиот стадион во земјата.
Италија под водство на селекторот Роберто Манчини заслужено ја прослави деветтата победа по ред и тоа без примен погодок.
Аѕурите во текот на целиот меч со Турција беа многу подобар противник, имаа поголем посед на топка и повеќе од 20 удари кон противничкиот гол.
Но до триумфот номиналниот домаќин стигна дури во вториот дел од мечот. Прво со автогол резултатот го отвори стоперот на Јувентус Мерих Демирал во 53' минута а Турците ги докрајчија Чиро Имобиле (66') и Лоренцо Инсиње (79') со убави погодоци.
🇮🇹 Italy score THREE in a EURO game for the first time! ⚽️⚽️⚽️#ITA #EURO2020 pic.twitter.com/pCAxeFjnDo
— UEFA EURO 2020 (@EURO2020) June 11, 2021
Интересно после дузина одиграни Европски првенства, ова е прво на кое Италија на еден меч постигна три гола.
Во вториот меч од оваа група, во главниот град на Азербејџан, Баку, ќе играат Велс и Швајцарија во сабота од 15:00 часот.