Историски јубилеј на Кристијано Роналдо со 900 погодоци!

На стартот на Лига Нации, во големото дерби Португалија ја совлада Хрватска со 2:1 со гол на Кристијано Роналдо. Ветеранот така стигна до својот 900-ти гол во кариерата во сите натпреварувања.

Португалија поведе прва во 7’ минута кога на прекрасна асистенција токму на Кристијано Роналдо, бекот Диого Дало постигна гол за 1-0:

Во 34’ минута некогашниот европски првак го дуплираше водството на 2-0 со гол на Кристијано Роналдо. Ова е историски погодок, вкупно 900-ти во целокупната досегашна кариера на капитенот на Португалија во клупска и репрезентативна кариера со што е убедливо најдобар стрелец на сите времиња:

Роналдо после постигнатиот јубилеен 900. погодок легна на трева и речиси заплака од среќа пред навивачите и фоторепортерите:

ПРВИОТ ГОЛ РОНАЛДО ГО ПОСТИГНА ПРЕД ЦЕЛИ 22 ГОДИНИ. КОЈ ГО ПАМЕТИ?

На 7-ми октомври 2002-ра година, како дрзок фантастичен дриблер и јуниор на Спортинг Лисабон, фатил една топка на средина на терен, издриблал неколку противнички играчи на Мореиренсе и го дал првиот гол во сениорската, професионална кариера.

Но не останал на тој, постигнал уште еден во судиско продолжение, а Спортинг славел 3:0.

Тогаш КР7 имал само 17 години и 8 месеци, а за помалку од една година замина во големиот Манчестер Јунајтед откако претходно на пријателски меч во Лисабон ги растури фудбалерите предводени од Сер Алекс Фергусон кој се вљубил во него на прв поглед.

КРИСТИЈАНО Е НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ НА СИТЕ ВРЕМИЊА

Според педантната верзија на Меѓународната фудбалска федерација по историја и статистика (IFFHS) која студиозно води сметка за головите, Кристијано Роналдо од своето деби во 2002-ра до денешен ден има 900 погодоци!

На вечната листа втор е Меси кој од првиот натпревар во професионален фудбал во 2004-та до денес има 838 гола.

Бразилецот Пеле е трет, тој од 1956 до 1977 постигнал дури 762 гола. Четврти е неговиот сонародник Ромарио кој од 1985-та до 2007-ма блескаше со фантастични 755 гола.

Петти е легендарниот Унгарец Ференц Пушкаш, еден од најголемите играчи на сите времиња кој дал 724 гола од 1943-та до 1966-та.

Постои спор затоа што за Пеле некои тврдат дека постигнал 1.283 гола а Ромарио стигнал до 1.000. Но според педантната статистика, дел од тие погодоци биле или на пријателски или на ревијални натпревари на неофицијални мечеви.

 

Според Меѓународната фудбалска федерација по историја и статистика (IFFHS) која ја води фудбалската хроника, дури 24 играчи постигнале повеќе од 500 голови. Само Кристијано ја пробил границата до 900 гола!

Сите му се на официјални натпревари, а 22 има на пријателски средби за неговата репрезентација и тие не се бројат меѓу овие деветстотини.

За волја на вистината, тој за Ал Наср има уште шест погодоци во Купот на арапските шампиони кој се уште се смета за полуофицијален турнир и не го водат како сериозен Куп.

Кристијано Роналдо има 131 гол за репрезентација на 213 натпревари со што е апсолутен рекорд меѓу сите фудбалери во историјата на репрезентативен фудбал.

Лионел Меси е втор и на оваа листа со 109 погодоци на 187 средби. Иранецот Али Даеи кој долги години беше неприкосновен лидер, сега е трет со неговите 108 гола на  на 148 средби за Иран.

Роналдо е и најдобар стрелец во историјата на Европските првенства со 14 гола на 30 натпревари. Кристијано постигнал гол против 47 разни репрезентации. Најмногу има дадено против Луксембург - дури 11 гола на 11 меча, а по 7 има против Летонија и Шведска.

Ветеранот кој важи за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња е крал и во Лига на шампиони: астрономски 140 гола на 183 натпревари. Седум пати беше најдобар стрелец на Лига на шампиони. УЕФА неодамна го награди за тој подвиг.

6 септември 2024 - 11:20