Додека фудбалерите и директорите во англиската Премиер лига си одат дома со неизмерно многу пари, редарите, чистачите и хонорарците од позадина земаат милостина. Челси и неговиот сопственик Роман Абрамович решија да го сменат тоа и ќе станат првиот професионален клуб што ќе дава минимална плата во бруто изнoс на сите директно вработени во клубот.
Иницијативата почна од ФК Јунајтед, клуб од Манчестер, во сопственост на навивачите. Нивниот пример неделава го следеа Лутон Таун, член на англиската трета лига, како и шкотскиот Хартс. Минималецот во Велика Британија изнесува 7,85 фунти по час, а во Лондон тој изнесува 9,15 фунти за еден час работа. Минимална плата, законски регулирана на Островот изнесува 6,50 фунти по час за возрасни, 5,13 фунти за возраст од 18-20 години и 3,79 фунти од час за лицата до 18 години.
„Веруваме дека фудбалските клубови се светилник во општеството, но и покрај тоа не го почитуваат законски регулираниот минималец, предвиден од властите“, изјави Гилиан Овен од институтот Citizens UK.
Во меѓувреме и група навивачи на Манчестер Сити доставиле писмо до шефот Калдун Ал Мубарак, во кое бараат клубот да почне да ги вработи и пријави сите луѓе кои се ангажирани во клубот кој дава највисоки плати за фудбалерите и стручниот штаб. Во писмото се наведува дека во неделата кога Сити официјално ја отвори новата Академија и новите игралишта, плаќањето на минималецот за вработените би бил круна на нивното работење изминатите години.
Во моментов ниту еден од 20-те клубови во Премиер лигата не исплаќа законски регулирана минимална плата во бруто износ за чистачите, редарите и директно ангажираните луѓе во клубот.