Искушеникот Еменике и турскиот затвор

Нигерискиот напаѓач неколку сезони играше во Фенербахче, сега е на позајмица во Вест Хем, а за англискиот Сан отвори душа и раскажа како му било во затвор, во автобусот врз кој се пукаше и расизмот со кој се соочил во Русија.

28-годишниот Емануел Еменике му се придружи на Вест Хем пред еден месец, како позајмен играч од Фенербахче и веќе има два настапи од клупата како резервен играч.
 
Но пред доаѓањето во Лондон, Еменике минувал низ неколку тешки епизоди, како онаа од 2011. година кога го обвиниле за учество во наместените натпревари за што завршил во затвор.
 
Корпулентниот напаѓач беше обвинет и дека намерно симурал повреда во неговиот прв клуб во Турција, Карабукспор а сè поради трансферот во Фенербахче кој вредеше околу 9 милиони евра.
„Времето минато во затвор беше ноќен кошмар за мене од кој не можев да се разбудам. Никогаш не сум направил криминал во животот, а ме третираа како криминалец, живеев на леб и вода. Периодот минат зад решетките ми даде друга перспектива за животот и му благодарам на Бог што правдата победи на крајот“, вели Еменике кого навивачите на Фенербахче го обожуваа.
По престојот во Москва каде играше за Динамо и каде го казнија откако покажал среден прст на расисти, тој се врати во Фенербахче но набрзо повторно западна во проблем.
 
Во април минатата година, Еменике бил во клупскиот автобус на Фенербахче кој на пат кон Трабзон беше нападнат од вооружени лица. Возачот тогаш доживеа повреда на лицето, но останаите 40 патници меѓу кои беше и Дирк Кајт беа неповредени.
„Зборував на мобилен со брат ми кога слушнав силни пукотници. Автобусот наеднаш сврте настрана од патот и сите беа во паника. Инстиктивно се сокрив а шефот на обезбедувањето ни кажа дека возачот е во крв. Се преплашивме“, раскажува Нигериецот Емануел Еменике.
И покрај сите неволји, напаѓачот имаше и убави моменти во Турција, ја освои титулата со Фенербахче во 2014-та и играше европски натпреварувања. Претходно го освои и африканскиот Куп на Нации во 2013-та со Нигерија за која има 37 настапи.
17 февруари 2016 - 16:43