Избегната трагедија. Со такво сознание, чешкиот бек Михаил Кадлец раскажа за Билд што се случувало пред и после пукањето, од кое среќа во несреќа беше само повредениот возач. Можеше да дојде до голема трагедија, затоа што автобусот возел на мост преку Црно море.
„Најстрашно искуство во мојот живот. Праќав порака и сè беше мирно и тивко, сè беше нормално. Нè пратеше полициска заштита и не бевме исплашени“, се присеќа Кадлец на моментот пред нападот на периферијата на градот Трабзон.
Турската полиција во меѓувреме уапсила две лица, кои станале сомнителни по заканите на Твитер, но откако утврдиле дека немаат ништо со нападот ги ослободиле. Денес стигна веста дека се уапсени и други две лица, од 27 и 38 години. Градоначалникот на Трабзон, Абдил Челил Оз соопштил дека едниот со автомобил го следел автобусот и преку мобилен телефон му најавил на извршителот кога да пука.
„Во еден момент се слушна силен истрел. Мислев дека пукнала гума, кога во еден момент сфатив дека пукаат кон нас. Човекот од обезбедувањето успеа да го застане автобусот заедно со возачот, кој беше потешко повреден и крвареше“, вели Михаил Кадлец, поранешен фудбалер на Баер Леверкузен.
Бекот на чешката репрезентација вели дека и покрај одлуката за пауза на турскиот фудбал, неговите колеги сè уште се под шок.
„Сакаа да нè убијат сите до еден. Нападот беше планиран, очигледно е. Некој знаел дека ќе пројдеме на тој мост. Право чудо е што не се случи трагедија“, констатира Кадлец, кој додава уште и дека на целата екипа ѝ значи поддршката која доаѓа од сите страни.
Фенербахче го доби натпреварот против Ризеспор 1-5 и во моментов е втор зад Галатасарај, кој има два бода повеќе.
Моментот по нападот на автобусот: