Интер пишува нова историја во Серија А

Единствениот фудбалски клуб што никогаш нема испаднато во втората италијанска лига - Интер викендов ќе го одигра 2700. натпревар во Серија А.

Интер во недела му гостува на новиот прволигаш Сасуоло, но за разлика од нивните противници кои за прв пат во клупската историја оваа сезона се пласираа во Серија А, гигантот од Милано никогаш нема испаднато во пониска лига.

Фудбалскиот клуб Интер е рекордер по бројот на одиграни натпревари во Серија А, а викендов тие ќе го одиграат 2700. натпревар од формирањето на националното првенство во сезоната 1929/30.

До сега на 2699 одиграни натпревари тие имаат остварено 1338 победи, 757 натпревари завршиле без победник, а 604 пати биле поразени. На овие натпревари тие постигнале 4532, примиле 2699 голови.

Првиот натпревар во новоформираното национално првенство во 1929. година било гостувањето и победата од 1:2 над Ливорно, а во оваа ера тие имаат освоено 16 од вкупно 18 титули.

Рекордер по бројот на настапи во дресот на Интер е Хавиер Занети со 603 одиграни натпревари, а Џузепе Меаца го држи рекордот во постигнати голови со 195 погодоци.

20 септември 2013 - 09:31