Интер доби нови газди, Жанг не исплатил долг на време и истекол рокот

Чудна игранка се случува деновиве во редовите на италијанскиот шампион Интер. Клубот чија екипа апсолутно убедливо стигна до скудетото оди во друга сопственост откако првиот човек Стивен Жанг не платил долг од 395 милиони евра на време.

Италијанските медиуми како гром од ведро небо соопштија дека младиот Кинез Стивен Жанг, син на еден од најбогатите Кинези на денешницата си оди од Интер, односно го губи мнозинскиот пакет акции.

Oaktree Capital Management е американска компанија која што ги презема работењето со Интер од компанијата Сунинг. Според италијанските медиуми, Стивен Жанг, сопственикот на Интер, имал рок од неколку месеци да врати заем од 395 милиони евра на оваа американска компанија.

Еден од условите на заемот бил и фирмата да стекне сопственост на мнозинскиот пакет акции од Сунинг во случај навремено да не го вратат долгот. Тоа и се случило синоќа. На полноќ истекувал рокот за реституција на долгот кон фондот Оактри кој сега ќе стекне 99,6% од сопственоста на Интер.

Фирмата започнува со работа во Интер, а од таму соопштиле дека за дваесетина дена ќе се знаат сите нови и стари членови на управниот одбор. Најверојатно Џузепе Марота ќе остане шеф на спортскиот сектор во клубот со оглед на фантастичните резултати кои ги постигна низ годиниве.

Овој калифорниски фонд веќе владее со еден клуб, тоа е францускиот второлигаш Каен каде имаат 80% од акциите. Каен веќе четири години е второлигаш. Оваа компанија од мај 2021-ва до сега го помагала Интер на разни начини со позајмици и се смета заслужна за големиот успех во тој период: три Суперкупа, два Купа на Италија, 20-то јубилејно скудето, финале на Лига на шампиони за првпат од 2010 итн.

Досегашниот претседател Стивен Жанг (роден 1991 во Кина) го водеше Интер од 2018-та кога дојде наместо Ерик Тохир. Под негово водство нераѕурите го освоија шампионското скудето и одлично играа во Лига на шампиони.

22 мај 2024 - 11:34