ДОНАРУМА Е ЛИДЕР ПО БРОЈ НА НАТПРЕВАРИ ЗА МИЛАН МЕЃУ СИТЕ АКТУЕЛНИ ИГРАЧИ
Првиот голман на италијанската репрезентација има 21 година и веќе 211 натпревари за Милан. Покрај тоа, Џиџо е и единствен фудбалер во составот кој ја поминал бројката од 200 настапи за росонерите. Го следат: Алесио Ромањоли со 193 меча, Кеси 142, Чаланоглу 136, Калабрија 119, Ибрахимовиќ 109.
За споредба, неприкосновениот Паоло Малдини до 21 година одиграл 147 меча за Милан, а другата клупска икона Франко Барези 113.
Легендарниот Барези капитенска лента добил на 22 години, а Малдини на 25. Џиџо на 21 година веќе има 9 меча во улога на капитен на 7-кратниот европски шампион.
РЕКОРДЕР Е МАЛДИНИ, АМА ПАОЛО СМЕТА ДЕКА ЏИЏО Е ЕДИНСТВЕН КОЈ МОЖЕ ДА ГО СТИГНЕ И ПРЕСТИГНЕ
Паоло Малдини веќе неколку сезони е технички директор на росонерите. Како играч одигра дури 902 официјални натпревари и ден-денес е апсолутен рекордер на клубот. Втор на оваа вечна листа е Барези со 719 натпревари.
Во своите први 5 години како прв голман на Милан, Донарума во просек секоја година брани по 40,6 меча. Ова е втор најдобар показател во историјата на клубот после Паоло Малдини (во просек легендарниот бек играл 42,6 меча годишно во првите 5 години).
Донарума ништо не го спречува да брани во ист ритам како и досега за Милан, па според математиките доколку продолжи вака, до 38 години би можел да го стигне Паоло (Малдини играше до 41 година!).
Притоа, треба да се има предвид еден многу важен, клучен факт: Милан во претходните 5 сезони дури 4 сезони не играше во еврокупови што е уште еден факт кој не му оди во прилог на Донарума. За тие 4-5 сезони еврокупови можел да „набилда“ статистика уште повеќе.
(Паоло Малдини за цела своја богата кариера, 4 пати не играл во Европа со Милан).
Периодов Милан игра сјаен фудбал под водство на Пиоли па навивачите се сигурни дека покрај учество во еврокуповите, екипата би можела да направи и мал „хаос“ при врвот на Серија А. После толку години отсуство од каква било борба за трофеи па дури и за учество во Европа, Милан сезонава првпат заличи на екипа.
Ако во следните години росонерите станат редовен учесник во Лига шампиони и Лига Европа (кој би рекол дека Милан толку долго ќе го нема во елитата!?), а Донарума остане здрав и го одминат повреди, тоа значи дека ќе може уште повеќе да го зголеми бројот на натпревари.
Во моментов не е можно да се прогнозира колку далеку Милан ќе стигне во Лига Европа, и во Купот на Италија.
Донарума во сезоната 2017/2018 кога се пласираше во финалето на Копа Италија а стигна и до 1/8 финале на Лига Европа, бранеше на дури 53 меча! (тоа беше најдобар статистички показател во клупската историја, дури и подобар на оној од Паоло кога во 1992/1993 одиграл 50 натпревари!)
Ако се знае дека Донарума е голман и дека не влегува често во ротација како другите играчи на теренот, тогаш Џиџо би можел со ова темпо до 34 години да го урне рекордот на Малдини. Ако му се посреќи да игра и толку долго како Паоло, тогаш Донарума би можел да стигне до страшна бројка од 1.200 натпревари! Но тоа е веќе во нереален домен на предвидувања.
За споредба, Џиџи Буфон од 2001 до 2018-та година во просек бранел по 39 меча за Јувентус секоја сезона, а од 2018-та до 2020-та во просек се појавил на 19,5 меча по сезона (2 пати помалку од првиот престој кога беше помлад).
Џиџо Донарума веќе е голем миленик на навивачите на Милан. Ако продолжи да брани одлично како досега, би можел да ги достигне легендите Барези и Малдини. Друг аспект кој и тоа како треба да се има предвид е тоа што менаџер/агент на Донарума му е лукавиот Мино Рајола, човек кој е менаџер на илјадници познати фудбалери и кој во неколку наврати проба да го однесе голманот во друг клуб, но Донарума реши да остане.