Играчите кои ја одбележаа сезоната во Серија А

Јувентус го има режисерот Погба кој намести 12 гола, Наполи го има рекордерот во голови и Бразилецот кој не греши кога додава, Удинезе има играч кој не рипа меч, Фиорентина купи фудбалер од Лестер кој исчезна, а на листава на куриозитети од италијанското првенство го има и Лазања кој се прослави на Сан Сиро.

Рекордерот Игуаин

Уште една голема аргентинска ѕвезда која со сигурност еден ден ќе биде испратена како голема легенда од Сан Паоло. Гонзало Игуаин стана првиот играч во Серија А кој успеа да постигне 36 гола на 35 меча. Шутна 182 пати (уште еден рекорд) со 58% прецизност. Наполитанците до толку го засакаа што сигурно очекуваат нивниот газда да режира филм со него.

Голманот кој не седна на клупа

Орестис Карнезис кој во 2013-та од Панатинаикос направи трансфер во Удинезе изгледа дека оваа сезона немал ниту една настинка, барем не за викенд кога треба да игра. Грчкиот голман е единствениот играч кој сезонава ги одигра сите мечеви до минута во Серија А, а тоа се 3.420 минути на 38 меча. Прими 60 гола, а неговиот тим се спаси од испаѓање за еден бод.

Тепач на сезоната

Ако баравте кој би можел да биде новиот Гатузо, тоа е Франко Вазкез кој нема да биде запаметен по голот кој го постигна во последното коло на мечот Палермо – Верона со кој домаќините обезбедија опстанок, туку по тоа што врз него се направени 199 фаули, а тој има направено 120. Аргентинецот од средниот ред на Палермо кога оди на слалом обично го сопираат со прекршок, а кога ќе му ја земат чисто топката им враќа со прекршок.

Карате Кид

Мистер Мијаги вели: „Каратето е само за да се браниш“, а во фудбалот најчесто оваа сезона го користеше Алан од Наполи кој ја заврши со 93 опасни стартови.

Ѕид во одбрана

Никогаш немаше да погодите кој дефанзивец оваа сезона успеа да изблокира најмногу удари во одбрана. Не е од Јувентус, Наполи или Рома, туку од Фрозиноне кој не успеа да се спаси. Се работи за Леонардо Бланкард кој брои 54 блокади во одбрана или по два во просек по натпревар бидејќи имаше 28 настапи. Ова негово достигнување не може да не се забележи, вториот има 37.

Разочарување во одбрана

Андреа Ранокија во јануари замина во Сампдорија во обид да влезе во подобра форма од онаа во Интер и да се избори за повик на Европско. На првиот меч му подари топка на Џакерини за водство од 2:0 на Болоња и стигна до четири грешки по кои противникот гол. Само двајца голмани сезонава направиле по четири клучни грешки по кои примиле гол.

Махер за црвени картони

Три црвени картони во само една сезона е премногу, Хавиер Занети вкупно во цела кариера имаше само еден. Сезоната ова неславно достигнување му успеа на Џејсон Мурило од Интер. На 24 октомври против Палермо го доби првиот, потоа против Лацио направи пенал за 2:0, доби црвен и кога се врати по паузата од еден меч против Сасуоло доби уште еден црвен бидејќи ја спука со судијата.

Режисер во играта

Има само 23 години и веќе брои 4 Скудета во Серија А. Зборуваме за Пол Погба, човекот за кој навивачите на Јувентус стрепат да не си замине бидејќи нема клуб меѓу гигантите кој не го посакува. Пирло и Видал си заминаа, но тука е францускиот репрезентативец кој беше играч број 1 на својата позиција оваа сезона. За тоа како се разигрува тимот доволен е податокот на Опта кој вели 12 асистенции, исто колку у Пјаниќ. Победничкиот пас до Дибала за победа против Рома вреди Оскар.

Поштарот

Барселона го има Иниеста, Реал го има Модриќ, а Наполи може да се пофали со Жоргињо. Италијанецот со бразилско потекло сезонава за 3.176 минути на терен подаде 3.487 прецизни топки со 91% прецизност, што е двоен рекорд сезонава.

Голман на сезоната

Емилијано Вивјано често го држеше голот “затворен“, освен кога Ранокија ќе му ги помати сметките. Голманот на Сампдорија сезонава е прв со 122 паради и 4 одбранети пенали.

Џокер на сезоната

Ако во последното коло Кевин Лазања од Карпи не добиеше шанса како првотимец веројатно ќе донесеше нов рекорд па одиграни натпревари од клупата. Вака го дели приматот со Белоти со кој 28 пати се појавија на терен од клупата за резерви. Сите 5 гола оваа сезона ги постигна како џокер, а кога беше меѓу првите 11 не остави добар впечаток. Неговиот тим не опстана, но за него се дозна во Серија А, што по презимето, што по голот против Интер во 92 минута со кој му донесе бод на Карпи.

Стативата сојузник

Двајца играчи успеаа рекорден број пати сезонава да ги погодат стативите, тоа се Никола Калиниќ од Карпи и Погба кои тоа го сторија по 6 пати.

Играчот кој исчезна

Сте чуле ли за францускиот фудбалер Јохан Беналуан? Тешко дека чуле. На Фиорентина му требаше играч од одбрана и во последниот ден од зимскиот преоден рок го купија Беналуан од Лестер кој имаше само 4 настапи во тимот на Раниери. Беше претставен како ново засилување на 11 февруари и од тогаш никој повеќе не го виде. 0 настапи, 0 повици.

Најзаменетиот играч

Валтер Бирса игра на позиција треквартиста, нешто како Тоти, а сезонава во Киево му беше најдобра. Словенечкиот фудбалер беше заменет 30 пати на 32 меча, одигра два цели меча, три пати влезе од клупа и три пати не влезе воопшто во игра. Сезоната ја заврши со 6 гола.

17 мај 2016 - 18:00