Сите што ги интересира кариерата на контроверзниот фудбалер од петок ќе можат да ја купат книгата насловена „Само Бог може да ми суди“. Се работи за хронологија на една фудбалска кариера, збогатена со голови и светски клубови во кои настапуваше Србинот.
Читателите ќе можат да дознаат многу непознати детали од соблекувалните на ПСВ ,Челси, Атлетико Мадрид и Фенербахче, како и развојниот пат на фудбалерот кој со пет клубови освои шест титули и со четири различни клубови играше во Лигата на шампионите.
Соговорници во книгата се некои од поранешните соработници на Кежман, како Фернандо Торес, Дидие Дрогба, Френк Лампард, Роберто Карлос, Руд Ван Нистелрој, Арјен Робен, Марк Ван Бомел, фудбалери кои раскажуваат каков е Кежман приватно. Самиот фудбалер изјави дека книгата ќе предизвика бурни реакции во Холанија, во Турција и во Шпанија.
Книгата содржи и фотографии од теренот, но и од неговиот приватен живот. Најдобрите моменти од кариерата на Кежман се поврзани со ПСВ Ајндховен, клуб во кој ја доживеа светската слава, а во 2003. година беше прогласен и за играч на годината во Холандија.За репрезентацијата на Србија, Кежман одигра 49 натпревари и постигна 17 голови. Во моментов има менаџерска лиценца и се занимава со развој и продажба на талентирани фудбалери, а последниот ангажман го имаше како спортски директор на Војводина Нови Сад.