Хрватски фудбалери на прослава на бронза пееа песни против Србија

По големото славје во Загреб каде илјадници жители излегоа да ги поздрават своите репрезентативци, секој фудбалер фатил пат кон дома каде исто им приредуваа дочеци. На една таква прослава, во кафулето на фудбалерот на Интер во Нова Горица, Дејан Ловрен и Марсело Брозовиќ во занес пееле песни од контроверзниот Марко Перковиќ, познат по величање на усташство.

Една од песните кои Брозовиќ и Ловрен ја пееле, „Бојна Чавоглаве“ која почнува со фашистички восклик: „За дом спремни“, има стих кој вели: „Ќе ве стигне нашата рака и во Србија“. Ова беше само една од повеќето србофобни епизоди на хрватските фудбалери и навивачи.

Дел од оние кои отпатуваа во Катар, за време на мечот Хрватска - Канада истакнаа навредлив и срамен банер на кој беше исцртан трактор со алузија на протерувањето на околу 250.000 Срби од Хрватска за време на војните во ’90-те години. Банерот беше посветен на голманот на Канада Милан Борјан кој како мал избегал со своите од воениот виор во Хрватска.

За ова Хрватскиот фудбалски сојуз (NHS) после неколку дена беше казнет од ФИФА со 50.000 швајцарски франци.

Во Хрватска се кренала полемика за овие испади на хрватските фудбалери. Дејан Ловрен во таа прилика на друштвените мрежи напишал:

„Шака бедни, јадни и љубоморни луѓе, мразат се што е хрватско. Се мразат прво себе. Им се згадило кога сум запеал пред цела Хрватска „Лијепа ли си“. Не ми е јасно како работат во Хрватска?“

На ова на Инстаграм му одговорила познатата хрватска пејачка Влатка Покос која напишала:

„Како водителка често бев изложена на критики поради лошата организација зошто луѓе вреѓаат некои кои не се експонирани. Во денешно време тоа поприма застрашувачки размери, посебно кога на заб ќе ве земе разулавена, примитивна и тупава десничарска багра.

Браво за Ива која не му дозволи на Дејан Ловрен да пее усташофилска песна. Нему му порачувам дека со своите примитивни испади ја срамоти цела репрезентација. Не, Дејан, ние Хрватите од Хрватска кои немаме комплекс на „големо хрватство“ ние не мразиме „се хрватско“. Си ја сакаме својата татковина со цело срце и одбиваме да пееме усташофилски песни. Топло ви препорачувам да се вратите во основно училиште, да научите елементарни факти за усташите и нивните злосторства. Посетете го Јасеновац и поклонете се на сите невини жртви кои таму ги колеле и убивале вашите „домољуби“. Усташите чиј злосторнички „поздрав“ така задоволно го користите се најголем шлајм, злосторници и предавници на Хрватска во историјата“, напишала Влатка Покос.

23 декември 2022 - 09:48