Иван Ракитиќ

Хрватот кој е незаменлив дел од Барселона

Меѓу 157 милиони евра потрошени за трансфери минатата година, Каталонците одвоија 18 за Хрватот кој за кратко време стана омилен на Камп Ноу и незаменлив дел од составот на Луис Енрике.

Минатото лето Барселона потроши рекордни 157 милиони евра на нови играчи, но во еден момент владееше мислење дека голем дел од тие пари се залудно фрлени. Особено после лошиот натпревар против Реал Сосиедад во јануари, кога Барса имаше серија слаби резултати и се шпекулираше за кавга меѓу Енрике и Лео Меси.

На крајот, Барселона се издигна и ја заврши сезоната со историската триплета (првенство, куп и ЛШ).

Во ситуација кога навивачите бараа повеќе млади играчи од Ла Масиа во првиот состав, управата се реши да ги доведе голманите Клаудио Браво и Мар Андре Тер Штеген, едниот ветеран а другиот ѕвезда во најава. За 81 милион евра дојде Луис Суарез кој го украсува напаѓачкото трио со Меси и Нејмар.

Клучен трансфер на Барса во сезоната 2014/2015 беше Иван Ракитиќ. Хрватскиот репрезентативец дојде на Камп Ноу за 18 милиони евра. Дојде како успешен капитен на Севиља кој со Андалузијците освои два пехари во Лига Европа по ред.

Пет причини поради кои Иван Ракитиќ е неизоставен дел од Барселона:

1. Повеќе вертикални напади

Ракитиќ и даде нов тон на играта на Барса со вертикалните напади. До неговото доаѓање Барселона играше најчесто тики-така. Со Ракитиќ, играта на Барса доби повеќе вертикалност, затоа што Хрватот има идеални долги топки со кои знае да го префрли тежиштето на играта на другата страна за само неколку секунди. На моменти дури и со Меси и Нејмар во нападот, играта на Барса беше предвидлива, а со Ракитиќ во тимот играта добива друга димензија.

2.  Одличен долг пас во длабочина

Во Хрватот, Барселона го има можеби најдобриот додавач на долги и прецизни пасови. Неговата способност да почне брз напад со далечинско додавање уште од одбраната ја направи играта на Каталонците уште поразновидна. Пред него, Барса не беше толку успешна во брзата трансформација од одбрана во напад.

3. Прецизен шут од далечина

Како што напишавме погоре, Ракитиќ не само што е еден од најдобрите играчи за долги топки, туку и има мошне прецизен шут од далечина. Добар пример за тоа е голот против БАТЕ во ЛШ, кога шутираше надвор од шеснаесетникот. Додека Барса претходно се шеташе со топката пред голот, сега со Ракитиќ се отвора простор за поголем маневар, затоа што одбраната на противникот мора да пази Хрватот да не шутира од далеку.

4. Посветеност

Една од најсилните карактеристики на Ракитиќ е неговата неуморна посветеност и настојување да му помогне на тимот. Во едно подолго интервју со познатиот новинар Сид Лоу, Ракитиќ изјави: 

Играме висок пресинг на топката на 20 метри од противничкиот гол, а не на 50 метри колку што играат другите, така што пред противничките напаѓачи има еден или двајца наши играчи, а не пет. Јас работам за тие што ќе останат. Тоа е нормално само во ситуација кога може да истрчате од 5 до 10 илјади метри на натпревар. Чест е да се игра со играчи како Меси и затоа ми е мило ако можам да ја подобрам неговата игра", скромно изјави Ракитиќ.

Во денешниот фудбалски свет, каде мнозинството е загрижено само за стекнување на лична слава и унапредување на своите статистики, оваа изјава на Ракитиќ изгледа необична. Токму тоа и помогна на Барселона да дојде до најголемите висини и му овозможи на триото МСН да постигне 122 голови во сезоната 2014/2015.

5. Идеален трансфер

Да купите играч од калибарот на Иван Ракитиќ за 18 милиони евра е исто како да сте го украле. Хрватот до денес за Барселона одигра 51 натпревар, постигна 9 голови и имаше 10 асистенции. Незаборавен ќе остане и неговиот гол уште во 4-та минута од финалето против Јувентус во Берлин.

10 ноември 2015 - 14:30