Холандија прв четвртфиналист, бекот Думфрис блескаше

Сосема заслужено Холандија ги победи САД со 3-1 и ја оправда фаворитската улога во 1/8 финале од 22. Светско првенство во историјата.

Холандија ја продолжи победничката серија на 19 меча без пораз откако попладнево во Доха предводени од неверојатниот офанзивен десен бек Думфрис од Интер кој имаше 2 асистенции и 1 гол, ги елиминираа САД од понатамошните борби.

Дензел Думфрис прво им намести два гола на Мемфис Депај и Дејли Блинд во првиот дел, за да во финишот во 81' минута при незгоден резултат 2-1 за „лалињата“ со убав гол да стави печат на мечот. Единствениот гол за Американците го даде шпицот Рајт во 76' минута.

Дензел Думфрис така стана само втор бек уште од далечното Светско 1966-та кој имал две асистенции и гол на Мундијал. Претходно Унгарецот Јожеф Тот на меч со Ел Салвадор во 1982-ра постигнал погодок и наместил два. За Холанѓаните ваква партија со 2+1 немало уште од Јохан Кројф во 1974-та.

Дензел е супер јунак на големите натпреварувања. Тој стана ѕвезда и на Евро 2020 кога Македонија беше во група со Холандија. 

Холандија во 1/4 финале ќе игра против подобриот од мечот Австралија - Аргентина.

3 декември 2022 - 20:14