Натпреварот меѓу Холандија и Латвија требаше да биде само еден обичен дуел меѓу фаворит и аутсајдер во квалификациска група за Светско првенство 2022.
И така и беше, Холанѓаните се справија со гостите и после болниот пораз од Турција (4:2) освоија 3 важни бода, но најинтересно на мечот беше присуството на публика на трибините, права реткост во светот на спортот во изминативе 12 месеци.
Во Европа па и во светот луѓето веќе како да се одвикнаа да гледаат спорт со навивачи на трибините.
Холандија на тој план е една од првите земји во Европската Унија која постепено дозира пуштање публика на стадионите. Холанѓаните повеќе од еден месец тестираат влез за гледачи: на „Јохан Кројф Арена“ имаше 5.000 присутни од вкупен капацитет 55.000 места.
Холанѓаните покренаа иницијатива „Враќање кон животот“ поддржана од владата. Навивачите кои купиле карти за натпреварот на репрезентацијата морале да направат брз тест на коронавирус кој бил ажуриран на денот на мечот на посебен сајт на кој има Corona Check.
Според резултатите на тестовите, луѓето биле поделени на 9 групи кои ги пуштиле во разни сектори од стадионот во формат на таканаречени „балони“, како би контактирале само со претставници од нивната „група“. Некои сектори морале да бидат со маски некои не, а ниту еден „балон“ немал задолжително растојание едни со други.
Сево ова е експеримент пред Европското првенство 2021 година, летово.
Да потсетиме Македонија игра во група со Холандија, Австрија и Украина и мечот против „лалињата“ ќе го одигра токму на „Јохан Кројф Арена“ каде би требало да има ограничен број гледачи.
„Секој таканаречен балон се користи за тестирање на потенцијални ризици и фактори на однесување поврзани со враќањето масовен број гледачи на јавни настани без почитуње дистанца од метар ипол“, стои во соопштението на прес-службата на стадионот „Јохан Кројф Арена“ во Амстердам.
„На пример, изучување различни можности за седење, редослед по кој влегуваат гледачите, различни шеми на седење и одвојување на гледачите по нивно влегување“
Секој тн. „балон“ има свои ограничувања и посебна цел на тестирање. Например технолошкиот универзитет во Ајндховен кој доби една група за истражување, им дозволил на гледачите активно да навиваат и да не одржуваат дистанца како и да седат без маски на трибина? Зошто?
Затоа што на трибината вградиле повеќе од стотина сензори со цел да проучат како малите честици (капки, плунки) летаат низ воздухот на трибината.
Во тоалетите на главната трибина имало и ултравиолетови светла кои гарантирале дезинфекција после секоја посета на тоалетот. Зелено или црвено светло над влезот во тоалет укажува дали е достапна таа зона. Системот на вентилација бил појачан за да се избегне ризик.
Секој навивач добил алка која овозможува да се следи неговото однесување на трибините како и бројот на блиски контакти околу него.
Пријатно ги изненадил шампионот на Ливерпул Џини Вајналдум кој сабајлето пред мечот преку видео порака ги поздравил сите навивачи и им рекол дека се радува што конечно ќе игра пред публика.
Натпреварот Холандија - Латвија (2:0) не е прво вакво искуство. На два меча во холандска втора лига пуштале по 500 гледачи. Ги делеле во 6 сектори и во секој имало различни нивоа на контакти и превентивни мерки. После тие натпревари само еден присутен развил симптоми.
„Тоа е добар експеримент со помош на кој можеме да покажеме дека наскоро ќе можеме одново да пуштаме гледачи на стадион. Ако тестот е негативен, навивачите ќе можат да го приложат и да дојдат на стадион ако имаат билет. Тоа би можело да работи и на клупско ниво и на Европско првенство“, вели Гијс де Јонг, генерален секретар на Кралската фудбалска федерација на Холандија (KNVB).