Хегемонија на владетелот кој 8 години е на тронот

Со триумфот од 2-1 против Фиорентина, Јувентус по 35. пат стана шампион на Италија. Ова е 8-мо скудето на Јуве по ред и тоа е рекорд не само во Серија А, туку и во сите Топ-5 лиги во Европа.

Шампионот Јувентус го сруши неверојатниот рекорд на Лион кој од 2002 до 2008 освои дури седум титули по ред во француската Лига 1. Големата прослава на титулата започна веднаш после мечот со Фиорентина, во соблекувалната:

Јувентус ја почна доминацијата во сезоната 2011/2012 кога со 84 бода го освои скудетото пред Милан кој тогаш собра 4 помалку од лидерот.

Во следната 2012/2013, Јуве се бореше со Наполи а на крајот „бјанконерите“ го кренаа вредниот пехар со 87 бода. Наполи имаше 78. Во 2013/2014, „Старата дама“ на нереално убедлив начин, со дури 102 бода стигна до третата титула по ред. Рома заврши втора со 85 освоени бода.

Римјаните одново им беа главен ривал на фудбалерите на Јуве, во сезоната 2014/2015, но најтрофејниот клуб во Италија, пак прв стигна до целта, со 87 бода. „Волчицата“ ја заврши сезоната со 70. Во 2015/2016 Јуве освои скудето со 91 бод, Наполи беше втор со 82. Во 2016/2017, Рома одново беше пократка, овој пат за 4 бода, затоа што Јувентус со 91 бод го славеше скудетото.

Во 2017/2018 кога трката траеше до самиот крај, Јуве освои 95 бода а Наполи дури 91. Сезонава, после 33 меча, Јуве собра 87 бода, а Наполи во моментов после 32 натпревари има 67 бода.

*****

Бонучи, Барѕаљи и Кјелини сега се на второ место во историјата на Серија А по бројот на освоени титули. Осум шампионски пехари имаат Вирџинио Розети (по 2 со Про Верчели и 6 со Јувентус), Џовани Ферари (5 со Јувентус, 2 со Интер и 1 со Болоња) и Џузепе Фурино (Јувентус).

Првото место гордо го држи легендарниот Џиџи Буфон со 9 освоени пехари, но следната година голема е веројатноста гореспоменатата стоперска тројка да го стигне.

Притоа само Барѕаљи и Кјелини ги освоиле сите 8 титули по ред со Јувентус. Бонучи во сезоната 2017/2018 играше за Милан, а првпат во Серија А заиграл во 2006 во составот на Интер.

Голот вреден титула го постигна Алекс Сандро. Од моментот на неговото деби во Серија А во септември 2015, тој има повеќе голови (10) и асистенции (13) од кој било друг бек во лигата. Притоа ова беше прв гол сезонава на репрезентативниот лев бек на Бразил.

Макс Алегри стана првиот тренер во историјата кој освоил дури 5 скудета по ред во Серија А! Тој има вкупно шест, а од него е поуспешен само Џовани Трапатони (7).

Освен Роналдо, прва титула во Серија А освоија уште четири играчи: Матиа Перин, Жоао Кансело, Емре Џан и Леонардо Спинацола. Првите тројца во Јуве дојдоа минатото лето, а Спинацола се врати на позајмица од Аталанта.

Кристијано Роналдо одново стана шампион во својата богата кариера. Но мисијата во Јуве не му е исполнета, затоа што испадна во полуфинале на толку посакуваната во Торино - Лига на шампиони.

Со 19 гола Кристијано е четврти стрелец сезонава во лигата (Запата од Аталанта има 20, Пјонтек 21 а Кваљарела 22!).

Но бројките на Кристијано сезонава се неверојатни: 27 меча, 19 гола, 10 асистенции, 6 шута во просек на натпревар. Португалецот го освои својот втор пехар во Италија, после оној во Суперкупот (во јануари тој со гол му донесе триумф на Јуве против Милан).

Роналдо има ист број на шампионски титули во Лига на шампиони и национални првенства - по 5 (4 ЛШ и 2 титули во Ла Лига со Реал, 1 ЛШ и три пехари во Премиер со Манчестер Јунајтед).

Најдобриот играч на сите времиња според многумина, во моментов е втор човек во светскиот фудбал кој станал шампион во Англија, Италија и Шпанија. Пред него тоа му успеа само на Жозе Мурињо.

После мечот со Фиорентина, Кристијано изјавил дека е задоволен и дека никаде нема да замине од Торино. „Дали останувам во Јуве? 1000%!“, рекол Роналдо.