Хаос на мечот САД - Мексико, 4 црвени картони, прекин пред време

Во натпревар од полуфиналето на Лига Нации за КОНКАКАФ федерцијата, САД со 3-0 го совлада Мексико во Лас Вегас во натпревар кој изобилувал со прекини и нереди.

Судијата Иван Бартон кој го продолжил натпреварот за 12 минути, решил пред време да отсвири крај од неколку причини.

На стадионот во Невада далеку побројни биле мексиканските навивачи кои неколку пати извикувале анти-геј скандирања, а мексиканскиот фудбалски сојуз бил казнет со 140.000 долари поради сличен испад на Светското првенство 2022.

Медиумите во САД тврдат дека судијата поради тие пароли го прекинал мечот предвреме, но во голема мера и поради нередите на трибините каде имало неколку физички пресметки меѓу приврзаници на двете селекции.

САД повел 2-0 со головите на Кристијан Пулишиќ во 37’ и 46’ минута, а Рикардо Пепи зголемил на 3-0 во 78-ма минута.

Во вториот дел после голем број прекршоци, црвени картони добиле Сезар Монтес во 69’ минута и Херардо Ареага во 85-та минута кај Мексико и Вестон Мекени во 71’ минута и Сержињо Дест во 85-та минута.

На трибините на неколку места имало физички пресметки меѓу навивачите на САД и Мексико.  

САД во финалето ќе играат против Канада која со 2-0 со головите на Џонатан Давид и Алфонсо Фејвис ја совлада Панама.

16 јуни 2023 - 10:39