Никој како него не дал 228 голови за Галатасарај. Никој никогаш не постигнал важни голови за Галатасарај како него. Никој никогаш не ги радувал навивачите на Галата како него. Но сето тоа не им значеше на турските власти кои во пост-неуспешниот воен удар ги апсеа сите за кои сметаа дека се инволвирани или стојат на страната на Фетулах Ѓулен, таканаречените „Ѓуленисти“.
Акцијата за „чистка“ во Турција го опфати и спортот, па така Турската фудбалска федерација ги отстранила и избришала сите документи и материјали кои се во врска со поранешниот репрезентативец на оваа држава, Хакан Шуќур за кого е распишана потерница и издаден налог за апсење, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
„Како што дознава новинар од раководните луѓе во ТФФ, тргнати се сите фотографии од Хакан Шуќур од комплексот на националните репрезентации ’Хасан Доган’ во Истанбул. Исто и во музејот, каде што биле изложени фоторгафиите на сите репрезентативци на Турција, веќе не се наоѓа фотографијата на Шуќур“, пишува во текстот.
На притисокот од власта морал да потпадне и Галатасарај кој покренал процедура за исфрлање на својата легенда од клубот. Шуќур во кариерата оидгра дури 392 натпревари за Галатасарај и постигна 228 голови.
Името Хакан Шуќур е тргнато и од плочникот во турскиот град Одрин во близина со бугарската граница.
„Градот Одрин кој се наоѓа во западна Турција, во 2012. година покрена акција за поставување на плочник во центарот на градот каде што се запишани имињата на најдобрите играчи во историјата на четирите турски клубови - Фенербахче, Галатасарај, Бешикташ и Трабзонспор. На плочникот се наоѓаше и името на Шуќур, но сега со одлука на градот во средата го отстранија“, пишува „Ал Џазеира Балканс“.
Турските власти, предводени од премиерот Реџеп Ердоган во налогот за апсење на поранешниот фудбалер навеле дека тој се терети за „членство во вооружена терористичка организација“. Судот брзо наредил заплена на сиот имот на татко му и на син му. Шуќур кој лани ја напушти Турција и се пресели во САД нема намера да се врати во земјата.
Тој важи за најдобриот фудбалер во историјата на Турција и е најдобар стрелец на оваа репрезентација на меѓународните натпреварувања.
„Во рамките на истрагата против организацијата ФЕТО, закоја се смета дека е одговорна за обидот за државен удар во Турција на 15. јули, уапсен е татко му на Шуќур, Селмет Шуќур. Претходно е објавено дека турските власти издале налог за апсење на Хакан поради поврзаност со Фетулах Ѓулен кој се терети за главен организатор на воениот удар“, заклучува „Ал Џазеира Балканс“.