Ја прима топката на градите и додека да му падне, ја бацува и повторно ја рола по градите. Исто како трикот на неговиот херој, Кристијано Роналдо.
Џаду е капитен на селекцијата на Сирија до 16 години, репрезентација со која настапуваше на азискиот шампионат за оваа возраст во Тајланд. Младите Сиријци од чија што земја од 2011. година се отселиле околу 11,6 милиони жители според ОН, изборија пласман на СП У-17 во Чиле.
Сепак, Мухамед Џаду нема да игра на тој Мундијал, затоа што патот го одведе на другата страна од светот, далеку од војната. На Мундијалите до 17 години досега играа фудбалери како Тони Крос, Цеск Фабрегас, Лендон Донован, Андреа Пирло.
„Не можам да се помирам со тоа што нема да играм на Светското, иако се трудам да заборавам“, вели Џаду за Њујорк Тајмс. Сириецот во моментов живее во едно место близу Боденското езеро во Германија.
Со него во земјата која знае како со емигрантите, живеат татко му Билал, чичко му Захарија и уште тројца Сиријци кои ја преживеале голготата.
Џаду пораснал и фудбал прв пат заиграл во градот Латакиа во Сирија. Кога имал 8 години, локалниот клуб Хутен го забележал неговиот талент. Играл во Сириската премиер лига, а подоцна го викнале да игра и за репрезентацијата. И покрај тоа што Сириската премиер лига и натаму се игра, ФИФА не дозволи одржување на меѓународни средби во оваа земја.
Со оглед на тоа што решил да игра за Сирија, младиот Џаду веднаш го поврзале со претседателот Башар ал-Асад и поради тоа животот му бил загрозен.
„Можев да загинам во било кое време, на било кое место на патот. Или ќе ме убиеја со снајпер или ќе ми фрлеа бомба. Теренот на локалниот клуб ни го бомбардираа неколку пати. Во Сирија тоа е како добар ден“, вели Џаду кој пред извесно време го загубил својот најдобар другар, 15-годишниот Тарек Граир кој бил убиен во местото Хомс.
Татко му на Џаду решил да ја продаде куќата за 13.000 долари и со тие пари да го плати превозот за него, син му и чичко му на Џаду преку Турција до Италија. Според Меѓународната организација за миграција во првите 4 месеци од годинава околу 2.000 луѓе потонале во Медитеранското море.
„7 часа откако тргнавме од Турција, бродот се потопи и моравме да фрламе сè, од храна, облека, предмети. И мажи и жени со раце фрлаа вода од бродот. Не можевме да заспиеме ни секунда. Ако заспиевме, ќе потоневме сигурно“, раскажува малиот Џаду.
Од Турција стигнале во Сицилија, од каде со последните пари дошле на северот. Во Милано нашле човек кој ги префрлил до имиграциониот центар во Минхен. Многу пати спиеле на железничка станица.
Кога ќерката на градоначалникот на Оберштауфен слушнала дека млад талентиран Сириец живее близу, му се јавила на некој Хрват кој работи како менаџер и држи кафуле во градот. Го нашле Сириецот и тој почнал да тренира за Равенсбург.
„Одлучиме да го поканиме без да знаеме што може да очекуваме. Нè изненади и нас тренерите и играчите. После 15 минути еден играч дојде и ми кажа дека треба да го задржиме за следната сезона“, изјави тренерот на клубот Маркус Волфангел.
На Џаду сега му преостанува да се докаже, да добие неограничен престој и да ги донесе во Германија мајка му и двајцата браќа кои останале во Сирија.