Големо интервју на Пандев за Кориере: „Италија е фаворит, ама ние ја победивме Германија“

Напаѓачот на Парма и најдобар фудбалер во македонската историја вели дека овој натпревар со Италија е она што најмалку го посакувал, но и дека притисокот сега е на Италија.

Триесет и осум годишниот Пандев, великан на Интер, Лацио, Наполи, Џенова, отиде во репрезентативна пензија по Европското првенство.

Но и натаму игра во Парма и живее за фудбалот. Во пресрет на големито дуел Италија - Македонија, телефонот на Гоче непрестано ѕвони.

Во големо интервју за Кориере дела Сера Гоче почнува:

„Да, ова е натпревар кој никогаш не го посакував, особено не во полуфинале. Македонија за мене е сè, но Италија ми даде сè, Италија е земја каде се родени моите деца. Да се игра со европските шампиони на гости за нас не е баш идеално. Италија како и Португалија со Турција се фаворити. Но и притисокот е врз нив“.

Македонија досега има два натпревари против Италија. Два сјајни дуели. Првиот го одигравме маестрално и водевме до финишот кога Италија направи целосен пресврт и победи 2:3 во Скопје. На вториот во Торино извадивме одлични 1:1.

Месец дена подоцна Аѕурите со селекторот Вентура испаднаа од Шведска во баражот за Светско 2018. Македонија неодамна ја победи Германија. Дали играте подобро со поголемите?

„Повнимателни сме и помотивирани, точно е. Тоа е балкански менталитет, можеш да победиш со Германија зошто сите сакаат да се соочат и да се пробаат со големите па и да ги победат. А после да изгубиш од Андора...“

Размислуваше ли да се вратиш во репрезентација за баражите?

„Не. Пред Европското им кажав во репрезентацијата дека тие ќе ми бидат последни натпревари. Има многу млади и ферски е да стекнат искуство во вака важни натпревари“.

Го нема ни Елмас кој е суспендиран.

„За Италија тоа е голема предност зошто тој (Елмас) е клучен, најдобар и можеше да им направи проблем на Аѕурите. Вие имате многу таленти, може да си дозволите да оставите дома некој како Балотели“.

Во македонското првенство игра и ваш клуб, Академија Пандев, втори се на табела. Дали е вашиот фудбал во добра состојба?

„Не е. Првенството е катастрофа, стадионите се од пред триесет години и се ужасни, талентите бегаат што е можно поскоро. Јас ја отворив таа фудбалска школа за да сменам нешто, ама никој не ни помага. Тешко е да се оди напред“.

Веќе зборувате во улога на претседател на ФФМ?

„Не е моја идеја тоа, сакам само фудбалот да се менува, зошто влегуваат многу пари и треба да се инвестираат добро, без да се размислува за личен интерес. Треба да го искористиме моментот за да го смениме нашиот фудбал, да не чекаме други триесет години за да играме на Европско првенство“.

Може ли оваа репрезентација на Македонија да направи повеќе?

„Израдувавме многу народ и важно е зошто кај нас има многу проблеми. Во четврток моите соиграчи ќе дадат сè од себе“.

Жозе Мурињо со кого освои Триплета во Интер ти се јавил после Европското. Што ти кажа?

„Ми честиташе, беше горд на мене и среќен што го остварив сонот да играм на Европско. Ми кажа дека е најдобар начин да ја завршам кариерата во репрезентација“.

Замина селекторот Ангеловски, на клупа е Милевски. Што е сменето?

„Милевски беше селектор на У-21 и зема многу дечки со себе од таму. Ја смени одбраната, сега игра често со четворица позади. Му посакувам голем успех, но не е лесно да го направи истото што и Ангеловски“.

Тој беше ваш адут повеќе?

„Кога ми кажа дека треба да се вратам во репрезентација зошто ќе одиме на Европско го прашав зошто се шегува. Ми гарантираше дека работите ќе се сменат и ги смени. Донесе сериозност, професионалност, играше само кој заслужува. Претходно не беше така, командуваа директори и менаџери“.

Италија е европски шампион, но ризикува да остане без Светско. Какво е нивото на италијанскиот фудбал.

„Има многу добри млади играчи и да се освои Европско на гости кај Англија не е нималку лесно. Но за разлика од пред дваесет години кога дојдов, опаднато е техничкото ниво на вашето првенство. Затоа многу стари како мене, Ибрахимовиќ, Кјелини или Кваљареала тераат уште така добро“.

Како шпиц какви се во дуел Бонучи и Кјелини?

„Најтешко е со нив, се разбираат со поглед. Ако не игра Џорџо за нас уште подобро, иако и Бастони ми се допаѓа, тој му е природен наследник“.

Ве изненадуваат критиките за Имобиле во репрезентација?

„Многу голем играч е, можеби во репрезентација чувствува малку притисок, но дава голови и многу и помага на екипата. Прав центарфор е за Манчини“

Му фаќавте топки на Роналдо во Интер. Дали е тој правиот Роналдо?

„Од близу и на тренинг беше чудесен. За мене е најдобрио играч во последните 30 години. Но што да кажеме за Кристијано? Играч кој дал најмногу голови од сите, еден од оние кои живеат за голови, прават разлика и им помагаат на екипите да победат“.

23 март 2022 - 14:18