Со ПСЖ и Монако прв и втор, врвот на Лига 1 е предвидлив во последниве години но од сенка ѕирка еден неочекуван тим. Предводен од Клаудио Раниери, Нант се враќа на подиумот во најдобрата француска лига а со Италијанецот овој клуб после 10 кола има 6 победи, 2 нерешени и 2 порази со гол разлика 9:7.
Нант е клуб основан во 1943 година. 8 пати биле шампион на Франција (последен пат во 2001 година), 3 пати го освоиле Купот на Франција (последен во 2000-та) и 3 пати Супер Купот на земјата (последен во 2001).
Од академијата на Нант излегле играчи како Дидие Дешам, Клод Макелеле и Марсеј Десаи.
Интересно Нант еднаш стигнал дури до полуфинале на Лига на шампиони (во 1996-та). Во 2007-ма ги проживеале најтешките моменти откако екипата испаднала во Лига 2.
Кога Раниери во средината од јуни дошол на „Стад де ла Божуар“ клубот бил во несредена состојба. Лани ги предводеше Серџо Консеисао кој направил борбена екипа која не само што избега од зоната на испаѓање туку и се вмеша во трката за Европа.
Португалецот потпиша договор но буквално преку ноќ направил пресврт и заминал да го води Порто. Раниери кој доби отказ од Лестер четири месеци претходно поради слаби резултати се согласил да стане тренер на Нант иако бирократијата се противела.
Унијата на француски тренери UNECATEF најпрвин не сакала да го потврди договорот на Италијанецот затоа што тој сезонава ќе наполни 65 години што е лимит за професионални тренери во Франција. На крајот правната комисија на Лигата ја оспорила оваа одлука на Унијата врз основа на тоа што не била во склад со законот против возрасна дискриминација во Европскиот Суд.
Интересно, Раниери ја почнал авантурата со два порази по ред во лигата (0:3 од Лил и 0:1 од Марсеј).
„Тој не бараше никакви гаранции и јас не му ветив нишо“, изјавил претседателот на Нант, Валдемар Кита пред да почне сезоната.
Со малку време пред стартот на сезоната, Раниери брзо скоцкал тим каков што му треба. Донел неколку играчи меѓу кои голманот Чипријан Татарушану и дефанзивните играчи Андреи Жирото и Рене Крин.
На почетокот на септември Раниери изјави дека целта му е да ја има една од петте најдобри одбрани во Лига 1 и додека целта станува реална, Нант е близу Европа. „Жолто-зелените“ имаат неверојатна одбрана и на 10 меча примиле само 7 гола, втора најдобра одбрана во Лига 1 зад Монпеље.
Татарушану, голманот на романската репрезентација во моментов е четврт голман во најдобрите Топ5 лиги во Европа по бројот на одбрани. Пред него се само Јан Облак, Иван Куељар и Тер Штеген.
„Раниери донесе големо искуство, ведрина и италијански стил кој го гледаме понекогаш на натпреварите. Тој сака дефанзивен и компактен блок. Според него ние имаме замок кој треба да го штитиме. Секогаш ни зборува за тој замок“, вели Емилијано Сала најдобриот стрелец на Нант за L’Equipe.
На новинарските прашања дека има негативен пристап кон натпреварите и се брани тој на прес-конференција изјавил:
„Јас сум Италијанец, така што за мене одбраната е многу важна“.
Раниери ја започнал тренерската кариера во 1986 година. Досега тренирал клубови како Наполи, Валенсија, Атлетико Мадрид, Интер, Јувентус, Монако, Лестер.