Пеле се родил во 1940 година. Живеел во малото градче Трес Корасаес.
Веднаш по раѓањето го крстиле Едсон Арантис до Насименто. Интересен факт е што малиот Едсон не го знаел целото свое име, затоа што во семејството сите го викале - Дико.
Пеле имал фудбалски гени, татко му Жоао Рамос до Насименто - Дондињо бил професионален фудбалер на времето.
Условите за живот на малиот Пеле биле мизерни. Во тоа време фудбалерите не заработувале многу, играле буквално за ситни пари. Татко му Дондињо во тоа време не бил многу популарен бразилски играч.
Пеле еднаш раскажал, дека татко му цел живот сонувал да заигра во некој голем клуб за богат договор. Еднаш желбата му се исполнила но само на кратко. Во 1942 година тренерот на Атлетико Минеиро го приметил Дондињо. Пеле не можел да памти зошто бил многу мал, ама татко му секогаш раскажувал.
Дондињо добил понуда од познатиот клуб Атлетико Минеиро и решил да се пресели во Бело Хоризонте. Но дебито за новиот клуб било несреќно. На мечот против Сан Кристован Дондињо доживеал тешка повреда на десното колено, поради што морал да се врати дома во Трес Корасаес кај фамилијата.
„Дондињо! И претходно кога двете нозе ти беа здрави ти не можеше да не прехраниш нас со тој твој фудбал! Не па сега! Заборави на тоа веќе! Најди нормална работа за да заработуваш за живот! Жоржи, кажи му!“, гневно викала мајка му на Пеле.
Жоржи бил брат на мајка му на Пеле, но тој и покрај хистеријата на сестра му, многу го сакал Дондињо и секаде одел со него на фудбал.
Фудбалот бил единствен начин на заработка за семејството кое живеело сиромашно. Дондињо тешко играл со коленото кое го ладел со мраз после секој натпревар за клубот Трес Корасаес.
Пеле се сеќава на градовите Бауру, Лорено и Сан Лоренцо каде што одел со татко му.
Со тек на време семејството решило да остане во Бауру зошто Дондињо таму добил работа во државна служба. Животот во Бауру бил каде-каде поубав отколку во Трес Корасаес. Пеле уживал во големиот град кој економски се развивал и цената на земја растела поради многуте згради кои почнале да се градат.
ФУДБАЛОТ НАД СÈ ДРУГО ВО ЖИВОТОТ
Дондињо, веќе во години, многу сакал син му Пеле да продолжи таму каде што завршил тој. Кога пораснал малиот, Пеле и Дондињо не биле само татко и син, туку блиски другари. Многу зборувале за фудбалот.
Така Пеле и дознал за чичко му Франциско кој не бил жив.
„Еднаш кога ќе станеш познат фудбалер, Дико, ти ќе бидеш мајстор како него. Тој почина на 25 години, јас имав 16 години и мислев дека никогаш нема да го преболам. Ми остави во наследство многу фудбалски финти. Се викаше Зико до Жонас. Постарите до ден денес памтат што правеше во места како Мокока, Каза Бранка, па дури и на југот од Минас“, му раскажувал Дондињо за својот постар брат.
Дондињо многу сакал син му да стане професионален фудбалер. Еднаш кога го прашал син му што ќе биде кога ќе порасне, овој рекол: „Сакам да бидам пилот да летам“.
Татко му подзастанал.
„Убаво. Само знаеш што треба за да станеш пилот? Пилотите мора да знаат да читаат карти, мапи, за да прелетаат од едно во друго место а да не избегаат од курсот. Не ли мислиш дека прво треба да научиш да читаш и да пишуваш за да разбираш аритметика и други науки?“, му го отежнувал Дондињо патот на малиот до желбата да стане пилот, а му го олеснувал фудбалскиот.
Зборовите од татко му го подзамислиле Пеле. Веднаш сфатил дека ако научи да чита, ќе може да разбере што се пишува во весниците за фудбалот.
Тргнал во школо во Баура каде имало 4 години основно и 4 години средно школо. Пеле се запишал на 8 години. Како и секое дете, повеќе го занимала фудбалската топка отколку да пишува и чита, а камоли да гледа географски карти.
ИМАЛ КОШМАРИ ПО ЕДНА ЕПИЗОДА БЛИЗУ БОЛНИЦА
Игралиштето каде играле фудбал му било далеку од дома, а во близина имало болница со мртовечница. Едно дете еднаш ѕирнало низ капијата и видело тело на мртов човек. Околу трупот имало доктори кои зборувале за погреб.
„Дечки! Дечки! Таму на кревет лежи еден! Мртовец е!“, викало детето.
Пеле се стрчал со сите други и го потпрел носот на стаклото за да ѕирне. Таа минута ќе му стане кошмар.
Засекогаш му останало во сеќавање мртовечницата, плочките на ѕидот и валканиот под.
Докторите јавно го отворале човекот од чие тело шикнала крв. Сите се разбегале, а Пеле скаменел од страв но продолжил да гледа. После долги години, таа слика го будела во ноќите. Сонувал дека тој лежи на креветот, раката му била спуштена надолу.
БАУРУ, САНТОС, ЊУЈОРК
Пеле почнал да тренира фудбал во детската екипа на Атлетик Клуб Бауру. Овој клуб тогаш играл во 2 лига на првенството на Сао Пауло. Од таму и почнала целата кариера на Пеле.
Многу се двоел од сите свои врсници: трчал брзо како гепард, носел брзи одлуки, дриблал маестрално. Тој не играл само „мелодичен“ фудбал, туку знаел да биде и жесток и борбен.
Во тоа време тренер на првиот тим на Бауру бил Валдемар де Брито. Тој бил поранешен репрезентативец на Бразил. Многу го засакал малиот Едсон (Пеле) и скоро им го препорачал на скаутите на славниот Сантос. Тие кога дошле да го гледаат, решиле да не се враќаат без него.
Набрзо Сантос станал дом на Пеле. Таму тој поминал најголем дел од својата кариера, речиси цела играчка кариера.
Дебито за Сантос му било против Коринтијанс. Имал само 15 година. Веќе во втората сезона станал стандарден првотимец. За една сезона на 38 меча дал 41 гол.
На терен правел апсолутно се што сакал. Технички ги растурал противничките бекови, изведувал слободни удари, давал голови од корнер, ги дриблал дури и голманите а неретко давал и со глава.
ФУДБАЛОТ ВО АМЕРИКА БИЛ ДОСАДЕН, АМА ПРОФИТАБИЛЕН
Едсон ја завршил богатата и славна кариера професионален фудбалер во 1974 година. Но немал многу пари за живот.
Во 1975 година Пеле буквално немал никакви приходи. А на почетокот на ’70-те години фудбалот доживеал бурна популаризација во Америка, каде доаѓале многу ѕвезди како Јохан Кројф, Бекенбауер и други. Пеле не бил исклучок.
Новоформираниот клуб Њујорк Космос му понудил богат договор кој Пеле не можел да го одбие. Во клубот поминал 3 години. Дал 64 гола на 107 натпревари и освоил титула.
Својот проштален натпревар го играл против својот Сантос. Интересно во прво полувреме играл за Сантос, а во второ за Космос.