Auf Wiedersehen Herr Kapitän!

Фудбалскиот пат на Филип Лам - најдобриот десен бек на XXI век

Со неговите дресови играат најсиромашните деца во Африка, за него Гвардиола кажа дека е најинтелегентниот фудбалер што некогаш го тренирал, а на неговата слободумност и поимање на демократскиот свет се поклонија и великаните на Баерн Минхен.

Во летото 2007-ма Филип Лам отпатувал во Јужна Африка. Го посетил селото Инердејл, на 30 километри од Јоханесбург, каде живееле шеесетина деца без родители. Лам им подарил облека, играл со нив фудбал и продолжил понатаму во Свазиленд каде се запознал со 13-годишното девојче Бусисве (во превод од зулу-јазик - Благословена).

Родителите, чичковците и тетките на Бусисве умреле од СИДА и таа останала сама да се грижи за двете помали сестри.

Германецот потоа се сретнал со јужно-африкански политичари и новинари, посетувал музеи и споменици, но Бусисве не му излегувала од глава: „Благодарение на моето семејство јас имав убаво детство, но кога мислам на Бусисве неподносливо сум тажен“, изјавил тогаш за весникот Süddeutsche Zeitung

На 23 години Филип Лам почнал да им помага на децата со тешки судбини. Кога дознал дека децата од селото Бокоџи во Етиопија тренираат боси, преку својата фондација им пратил нови патики за трчање. Во предградието на Јоханесбург Лам отворил фудбалско игралиште кое го опкружил не само со соблекувални, туку и со компјутери и со библиотека.

ДЕТСТВОТО НА ЛАМ

Самиот Филип како мал долго бегал од Баерн и играл за локалниот тим Герн каде што работела мајка му и каде порано играле татко му, чичко му и дедо му. Во 1993 година го однеле на проба во Минхен 1860 но кога видел дрвени голови му кажал на татко му: „Јас не сакам овде да играм, никако“.

После две ндели Минхен 1860 со 7:2 го победил неговиот Герн а Лам ги дал двата единствени гола. Поминале 12 месеци и на проба го викнал Баерн Минхен, родителите биле воодушевени а тој плачел. Во Герн имал: другари, смеа, забава, празник од фудбал, а во Баерн: борба, конкуренција, стрез, тензија.

На крајот го убедил детскиот тренер на Баерн Јан Пинта со аргументот: „Ако дојдеш на проба, ќе можеш да собираш топки во Бундеслига“. Сфатил дека и во Баерн може да има другарчиња. На првиот тренинг му пришол Енцо, постариот брат на Диего Контенто кој играше за Баерн кај Ван Гал. Енцо не само што му помогнал на Лам да фати место во тимот, туку и го земал со себе на натпревари на сениорите каде му објаснувал како правилно да ја прима и води топката.

Набрзо Лам заиграл на позицијата одбранбен играч од средниот ред и во финалето на градскиот турнир го дал победничкиот гол против Минхен 1860 после што врз него од радост скокнале 10 соиграчи па му ја отекле слезината од тежина.

Како капитен на младинците на Баерн два пати ја освојувал титулата, после што на 17 години преминува во вториот тим на екипата.

ДЕБИТО ЗА БАЕРН И КОБНИОТ ГОЛ НА ФРАНЦУСКИ ЛЕНС

На 13 ноември 2002. година малиот Лам за првпат се појавил на терен со првотимците и тоа на каков меч. Тренерот Отмар Хицфилд го ставил во игра наместо Маркус Фојлнер во 90’ минута од дуелот против Ленс во Лигата на шампионите. Премијата за победа била три пати поголема од месечната плата на Филип. Баерн водел 3:2 но на неколку секунди до крајот Бланшар го дрибнал Салихамиџиќ и израмнил на 3:3 - никаква премија и никакво место за Лам во првиот тим.

На 7. јуни 2003 година Баерн II го играл последниот меч од сезоната против Сарбрикен и загубил 1:3 а единствениот гол го дал Ралф Хазенхотл, денес тренер на сензацијата Лајпциг.

Во време на последниот ручек пред летниот одмор на Лам му заѕвонил мобилниот: „Феликс Магат ми ѕвони! Тишина. ’Ало, Филип? -Да, господин Магат. ’Јас ти се јавувам да те викнам во Штутгарт од следната сезона. Размисли’. 

МИРИСОТ НА ЛИГА НА ШАМПИОНИ ВО ДРЕСОТ НА ШТУТГАРТ

Првиот меч од новата сезона Штутгарт го играл во Росток, а Лам го почнал на клупата. На 15 минути до крајот Унгарецот Сабич го отворил резултатот а за да не прими гол, Магат мислел да го стави Хлеб, но се предомислил: ’Не, не ти, Филип дојди’.

Лам за првпат во кариерата заиграл како лев бек а до крајот му асистирал на Сабич за вториот гол. После два месеци историјата се повторила: Лам започнал напад, а Сабич реализирал, овојпат противник бил - Манчестер Јунајтед во Лигата на шампионите. После шест месеци од дебито во Бундеслигата Лам добил покана и за репрезентацијата на Германија. А таму, наместо дивите и напорни тренинзи на Феликс Магат, бил мирниот Руди Фелер.

„Тренинзите изгледаа како да сме се собрале другари од маало и на зафрканција да изиграме фудбал“, се сеќава Лам во својата автобиографија.

Репрезентацијата тогаш ја чекала пријателска против Хрватска, но Лам од Руди Фелер не слушнал ни тактички совет ни преглед на играта на противникот. Единствено што му кажал е: ’Ќе играш лев бек’.

Во третиот настап за репрезентацијата, во Букурешт, Лам го доживеал најголемиот пораз - Романија со 5-1 ја декласирала Германија а Филип го постигнал утешниот гол.

’ШТО МИ ТРЕБАШЕ ДА ИГРАМ МАЛ ФУДБАЛ’

Во декември 2004. година кога во Бундеслигата била пауза, Лам го викнале татко му и другарите да играат мал фудбал. На крајот од мечот го заболела десната нога, а кога влегол во колата не можел да стисне на педалата од болки. Наместо дома - во болница. Дијагноза: скршеница на метарзалната коска.

Таа ноќ Филип Лам за првпат се вратил низ сеќавање на изминатите шест месеци: Заиграл во првите 11 на Штутгарт, дебитирал во Лигата на шампионите и Европското 2004 и Баерн го барал назад од позајмица.

Враќањето во Баерн го одбележало нова, тешка повреда на лигаментите - минимум пет месеци без фудбал. Докторот на Баерн Милер-Волфарт го посоветувал да се оперира во Колорадо каде Лам отпатувал со инвалидска количка и посебен лет каде ќе може да ја испружи ногата.

ПОСЛЕ ДОЖДОТ ДОАЃА СОНЦЕ

На крајот од ноември 2005-та Лам почнал да игра за Баерн чијшто тренер беше токму Феликс Магат, а во март 2006-та десниот бек се врати во репрезентацијата.

На пријателската против Италија во Фиренца Германија изгубила 4-1 а Михаел Шумахер го прашал селекторот Јирген Клинсман: „Ова не е првиот состав, така?“

На три недели до стартот на Светското 2006 во Германија, Лам ја повредил раката на пријателски меч при дриблинг додека воделе 4:0. Потребна била операција, иста онаква поради која Лам година дена претходно го пропуштил Купот на Конфедерации.

Наместо да се спрема за Мундијалот во неговата земја, тој лежел во болница. На три дена пред заминувањето на Германија во тренинг базата на Сардинија Лам решил да оди и тој со гипс на раката. Во полн тренинг се вратил на 9 дена до Светското, но ФИФА му забранила да игра со лонгета. На 2. јуни - се играше последната пријателска на Германија против Колумбија а Лам морал да му ја покаже раката на норвешкиот судија Хауге: „Нема проблем мистер Лам, можете да играте“.

„Толку се израдував што сакав да го гушнам силно со двете раце, но слободна ми беше само едната“, пишува Лам во автобиографијата.

Сјајниот десен бек на Баерн не само што го почна мечот против Коста Рика со кој се отвори Светското, туку и постигна фантастичен еврогол.

Германија ја победи Аргентина на пенали во четврфиналето после што целата земја го славела јунакот Филип Лам. После поразот од Италија во полуфиналето, менаџерот на репрезентацијата Оливер Бироф им рекол: „Дечки, канцеларката доаѓа, спремете се“.

„Вие може да бидете само горди на тоа што го достигнавте. Никој не му донел толкава радост на германскиот народ“, им рекла Ангела Меркел.

НАЈГОЛЕМИОТ ДЕМОКРАТ ВО ГЕРМАНСКИОТ ФУДБАЛ

По триумфот над Португалија за третото место на Мундијалот, овие две селекции се сретнаа и во четврфиналето на Европското 2008. Лам го играше тоа првенство на својата омилена позиција - десен бек. За состојбата тогаш во репрезентацијата Лам пишува:

„Во воздух имаше некоја негативна енергија. Едни играчи не ја криеа нетрпеливоста кон другите. Ситуацијата беше тензична“.

Германија на тоа Европско стигна до полуфиналето каде се сретна со Турција: На 10 минути до крајот Клосе на асистенција на Лам ја донесе „Мајншафт“ во водство, но набрзо Сабри Сариоглу го изработи Филип Лам и додаде до Шентурк кој израмни на 2:2.

„Во тој момент се јадев себези. Лежев на колена, гледав во тревата и чустував голем гнев. Сакав да ја исправам грешката“.

После четири минути Лам додал до Хицлшпергер и му викнал „Хоп!“ (повик за двојно додавање) после што неуморниот бек го постигна победничкиот гол. По поразот во финалето од Шпанија, Лам отворено зборувал за лошата атмосфера во соблекувалната.

„На ЕП 2008 имаше голем егоизам кај играчите и ни требаше свежа крв. На Мундијалот имавме еден играч кој може да направи врвен потег - Бернд Шнајдер. Денес имаме пет, шест и седум такви играчи. Потребни се промени“.

После неколку месеци Филип Лам стана капитен на Баерн, а после поразот од Дортмунд екипата паднала на 19. место во Бундеслигата, па Лам отворено ја критикувал управата а му дал поддршка на тренерот Ван Гал.

Сам иницирал интервју Süddeutsche Zeitung во кое го критикувал раководството кое поради тоа го казнило со највисоката казна во клупската историја - 50.000 евра! Но во Баерн владее таква демократија што кога ја објавил казната, директорот Ули Хенес отворил коњак и му признал на Лам дека се восхитува на неговата слободумност.

На еден месец пред Европското 2012 во Украина, Филип изјавил во интервју за Spiegel: „Кога видов како украинскиот режим се однесува со Јулија Тимошенко, сфатив дека тие немаат ништо со поимањето на демократијата“.

Иако рекол дека ќе размисли дали да се ракува со претседателот Јанукович во случај на триумф на Европското, Германија испадна во полуфиналето и го спаси Филип од проблеми. Како капитен Лам виде неколку тренери на Баерн Минхен (Клинсман, Хајнкес, Гвардиола, Анчелоти). Пеп за него изјави дека е најинтелегетниот фудбалер што некогаш го тренирал во кариерата.

Во моментите на криза на Баерн во минатото за Лам понуди пратија Реал и Барселона, но тој за едните изјави: „Ако Мурињо сака да ме тренира, нека дојде во Баерн“, а за другите: „Не можам да замислам да го напуштам Минхен, а екипата да ја освои Лигата на шампионите без мене“. Дури ниту златото на Мундијалот 2014 не му било толку посакувано како трофејот во ЛШ.

После два неуспешни обиди да го крене драгоцениот пехар (Интер 2010, Челси 2012), Филип Лам следната 2013-та го почуствувал најголемиот стрес пред финалето со Дортмунд: „Тоа беше трето финале и не можев да замислам да го загубам. Тоа би било многу болно. На крајот славевме и тоа беше надчовечко ослободување и радост за мене затоа што во финалето на Мундијалот 2014 против Аргентина знаев дека сме посилни и дека ќе победиме“, признава Лам во книгата Das Reboot на авторот Рафаел Хонигштајн.

На 4. февруари 2017 Лам го одигра 500. натпревар за Баерн Минхен а три дена подоцна изјави дека ќе се повлече од фудбалот на крајот од сезоната. Ули Хенес му понудил да стане спортски директор, но Лам изјавил: „Ули уште е енергичен и млад и може да го води клубот. Тој сака самостојно да влијае на своите одлуки“.