Фудбалот е одвратен, ми бараат пари за да бидам тренер

Поранешен капитен на Наполи открива како работат некои од италијанските нисколигаши.

Џенаро Скарлато е првиот капитен на Наполи во ерата на Аурелио Де Лаурентис (сезона 2004/2005) кој преку статус открива како функционира фудбалот во некои клубови. Тој тренира малолетни деца во фудбалска школа и кога видел по кој пат требал да стане тренер во третата италијанска лига веднаш одбил и се вратил да ги тренира децата.

„Одам на состанок за да се договорам и да тренирам една екипа од Лега про. Бев малку возбуден бидејќи конечно добив шанса. Си помислив дека сега е моментот да се покажам, но за време на средбата ми рекоа дека треба да им платам за да им станам тренер. Им реков вие сте луди. Извинете ама се враќам кај децата, ова не е фудбал. Ми се гади“, напиша поранешниот капитен на Наполи.

Џенаро Скарлато беше активен играч од 1996-та до 2013-та и во три наврати беше член на Наполи каде беше капитен пред 12 години. Има настапувано и за уште неколку клубови меѓу кои Торино, Удинезе и Фрозиноне.

Тој беше дел и од селекцијата на Италија У21 под водство на Марко Тардели, а доби повик и на Олимписките игри во Сиднеј.

25 февруари 2016 - 15:16