Анализите за 2012 година покажуваат дека популарните фудбалски клубови стануваат се повеќе следени на Твитер. Откако во изминативе 12 месеци 424 тимови отвориле свој профил на Твитер, им се придружиле околу 28 милиони корисници.
Следењето на активностите на фудбалските екипи ширум светот изминатава година се зголемило, пред се поради одлуката на тимовите се повеќе да го користат Твитер, како место каде ќе се објавуваат сите информации поврзани за нив.
Во декември 2011 година 1127 клуба имаале свој профил на Твитер со вкупен износ од околу 17 200 000 нивни следбеници. Но очигледно стратегијата за ширење популарност во "социјалниот свет" станала примарна цел на клубовите, па така во последните 12 месеци се случил драстичен скок во бројки.
За една година на Твитер станале активни упте 424 екипи, со што вкупниот број на екипи станал 1551, а тоа придонело во декември минатата година бројката на следбеници да достигне 45 милиони.
Овие бројки се показател дека најважната споредна работа во светот се повеќе се шири на социјалните полиња и станува главен концепт за популарност на клубовите. Освен активностите на клубовите и вестите за некој трансфер, на Твитер често пати се активни и некои од фудбалските ѕвезди кои практикуваат да комуницираат со своите фанови.
Статистиката покажува дека најследените 10 клубови во светот, бележат зголемување на популарноста, особено двата шпански гиганти Реал Мадрид и Барселона. Во март минатата година Каталонците го надминаа нивниот најголем ривал на Твитер, а предвидувањата се дека за два месеца ќе ја стигне бројката од 10 милиони следбеници.
Интересно е што во топ 10 листата се јужно американските екипи Коринтијас, Фламенго и Сао Паоло, како и мексиканскиот тим Гвадалахара, а ги нема гигантите како Јувентус, Милан, Манчестер Сити или Баерн Минхен.
Несомнено 2012 е годината која го одбележа фудбалот во светот на социјалните медиуми, но доколку клубовите вработуваат експерти за оваа област и креираат дигитални содржини, овој раст ќе продолжи.