Во мај 2007. година ФИФА ја соопшти контроверзната одлука дека веќе нема да дозволува одигрување на фудбалски натпревари на места кои се повисоки од 2.500 метри надморска височина. Како фудбалерите од овие земји да бирале каде ќе се родат.
Причина за тоа, како наведе медицинскиот Комитет на ФИФА е ризикот од нарушување на здравјето за играчите како и голема предност за домаќините кои играат на високо. Меѓу земјите погодени од оваа одлука беше и Боливија. Стадионот Хернандо Силес во Ла Паз е домаќин на репрезентацијата на Боливија а на тој терен играат и еминентните клубови од оваа земја, Club Bolivar, The Strongest и La Paz). Првичната одлука директно ги погоди и Колумбија и Еквадор, по што Фифа го помести лимитот на 3.000 метри надморска височина.
Сместен на висина од 3.637 метри, стадионот во Ла Паз е еден од највисоките стадиони во светот, а ФИФА донесе уште една забрана која се косеше со традицијата во земјата на високите Анди. Им забрани на Боливијците да пијат чај од кока пред натпреварите, кои со тоа ги намалуваат ризиците од играње на оваа надморска височина.
Во одбрана на своите права, интересите на Боливија во 2007. година ги штитеше лично претседателот Ево Моралес, кој одлучи со најблиските соработници да игра фудбал на врвот Сајама кој е висок околу 6.000 метри надморска височина. Моралес на крајот успеа да ја убеди ФИФА да ја повлече одлуката по само 13 месеци откако ја изгласаа.
„Сите од нас играат таму кај што се родени, браќа и сестри. Ниту Бог не може да го оспори тоа, а уште помалку Блатер“, изјави Марадона кој ѝ даде целосна поддршка на Боливија.
Бразил, Аргентина, Чиле и останатите Јужно-американски земји и натаму се бунат кога мора да гостуваат во Ла Паз, затоа што таму Боливија едноставно е непобедлива. На своја кожа тоа го почувствуваа Аргентинците на 1. април 2009. година кога предводени од Меси, Агуеро, Маскерано и Лавеци загубија 6-1 на Андите.
Од друга страна, Боливија нема гостинска победа уште од март 2008. година кога славеше во Венецуела и загуби на 60% од дуелите на гости. На актуелната Копа Америка, Боливија игра одлично и по ремито со Мексико (0-0), го победи Еквадор (3-2) и со една нога е во следната фаза од турнирот.