Франција го победи Гибралтар 14:0 и постави нов рекорд

Французите беа безмилосни и помалку безобразни синоќа откако го прекршија аматерскиот фудбалски ривал Гибралтар со историски 14:0! Гостите играа со играч помалку уште од 18' минута, а Мбапе со хет-трик и Жиру со еврогол со ножички беа главни актери на дуелот.

Французите постигнаа дури 7 гола во првиот дел. Првиот погодок уште во 3' минута беше автогол на гостинскиот фудбалер Итан Гомез кој ќе се испостави за малер на вечерта затоа што во 18-та минута доби втор жолт и црвен картон па ги остави своите соиграчи на милост и немилост

Веќе во 4' минута Франција го зголеми водството преку напаѓачот на Интер Маркус Турам.

Во 16' минута најновата фудбалска сензација од Франција, 17-годишниот Ворен Заир-Емери од ПСЖ кој синоќа дебитираше со сениорите, постигна гол и во исто време се повреди па мораше да го напушти теренот.

Ворен Заир-Емери дебитираше со само 17 години и 156 дена што е еден од рекордите кај Французите.

Веќе во 30' минута на сцена стапи Килијан Мбапе кој реализираше пенал заработен од Тео Ернандез. Интересно „триколорите“ на овој меч имаа два пара браќа во составот, браќата Ернандез и браќата Турам.

Во 34' минута Мбапе асистираше а погоди десниот бек Жонатан Клос. Во 36' минута Кингсли Коман зголеми на 6-0 а само неколку секунди подоцна погоди и Јусуф Фофана од Монако на асистенција на Мбапе.

Французите дадоа четири гола за седум минути. Полесно од тренинг. 

Во вториот дел Гибралтар „се држеше“ до 63' минута кога Адриен Рабио зголеми на 8-0. До крајот Кингсли Коман го постигна својот втор гол, а стрелаа и Дембеле и Мбапе и Жиру.

На крајот конечни 14-0!

Ова е нов рекорд во историјата на квалификациите за Европско првенство. И рекорд на еден официјален меч во европскиот репрезентативен фудбал.

Претходниот рекорд го држеше Германија со Сан Марино кога славеше 13-0 во септември 2006-та година.

Французите претходно еднаш славеле дури со 10-0 и тоа против Азербејџан во 1995-та година. Седум гола за едно полувреме е исто уште еден француски реркод. Претходно против Исланд дале 5 гола во едно полувреме во далечната 1957-ма.

19 ноември 2023 - 08:57