Филмска приказна - Брегот на Слонова Коска после триста перипетии стана шампион на Африка

Репрезентацијата на Брег на Слонова Коска ја совлада Нигерија во големото финале на Африкански Куп на нации со 2-1 после пресврт и на домашен терен во Ебимпе, 20 километри од главниот град Абиџан прослави уште една шампионска титула во овој највреден турнир во Африка.

Брегот на Слонова Коска направи право мало чудо затоа што прво имаа катастрофално издание во групната фаза, беа декласирани со 0:4 пред свои гледачи од Екваторијална Гвинеја, на сред турнир го отпуштија селекторот Жан-Луи Гасе, поставија привремен анонимен тренер Емерс Фае и само благодарение на победа на Мароко и реми на Гана во друга група, како најдобро пласирана трета во групата отидоа во нокаут фаза.

А таму оваа селекција во 1/8 финале го победи шампионот Сенегал на пенали откако претходно израмни со гол во 86’ минута на 1-1, потоа во 1/4 финале го совлада Мали со гол во 90+2’ минута, па во полуфинале едвај се избори со ДР Конго и победи минимално 1-0 за да во финале направи чудесен пресврт против Нигерија.

Главни херои на Брег на Слонова Коска се центарфорот Себастијан Алер од Борусија Дортмунд кој пред само неколку месеци беше опериран на тестистите и долго време паузираше со фудбалот, и младиот Симон Аденгра кој исто дојде ровит на турнирот но на крај е избран за најдобриот млад играч на Куп на Африкански нации.

Во големото финале домаќинот Брег на Слонова Коска напаѓаше повеќе но Нигерија прва го отвори резултатот. Во 38’ минута капитенот Вилијам Трост-Еконг страшно доминантно го натскока Серж Орие во еден воздушен дуели постигна убав гол со глава.

Интересно, капитенот на Нигерија стоперот Трост-Еконг на Брег на Слонова Коска му даде гол и во дуелот од групната фаза. 30-годишниот дефанзивец после мечот беше прогласен за најдобар играч на целиот турнир. Нигеријците сега во финале поведоа после единствениот шут кон противнички гол во цело прво полувреме.

После долги напади и голем посед на топка, домаќинот израмни во вториот дел, во 61’ минута преку Франк Кеси. Некогашниот фудбалер на Милан и Барселона така ја спаси својата репрезентација и против Сенегал во самиот финиш од мечот во 1/8 финале.

Во 81’ минута прав делириум на трибините предизвика Себастијан Алер кога постигна убав гол на асистенција на помладиот соиграч Симон Аденгра за 2-1 и лудница ширум оваа милионска земја.

На трофејот многу му се радуваше и Дидие Дрогба, легенда на Брег на Слонова Коска којшто никогаш во богатата кариера не успеа да го освои овој пехар иако играше и во финалиња.

Интересно е и што ова е ретко финале на Африкански Куп на нации кое не отишло на пенали затоа што дури 12 такви финални средби се решавале со пенал-рулетот. Одамна и вака ефикасно финале немало во Аффрика.

Брег на Слонова Коска по трет пат во својата историја го освојува највредниот трофеј во Африка. Претходно биле шампиони во 1992-ра и 2015-та а играле дури пет финалиња. По број на титули сега ги стигнаа токму Нигеријците. Четири пехари има Гана, пет има Камерун а со седум најтрофеен апсолутно од сите е Египет.

Нигерија има загубено дури пет финалиња и само Гана почесто губела натпревари за златниот пехар.

НАЈЕФИКАСЕН ТУРНИР ОТКАКО НА КУП НА АФРИКАНСКИ НАЦИИ ИГРААТ 24 СЕЛЕКЦИИ

Со 119 голови овој турнир е најефикасен од кога и да било откако се игра со 24 репрезентации. Во 2019-та паднале 102 гола, во 2022-ра 100 гола. Сега имало во просек по 2,29 гола по натпревар.

Селекторот на Нигерија Жозе Переира по трет пат изгубил големо финале како тренер. Претходно со Спортинг Лисабон изгубил во Куп на УЕФА од ЦСКА Москва иако водел. Подоцна во 2016-та со Порто изгубил во финале на Куп на Португалија од Брага.

Брег на Слонова Коска за три недели помина пат од катастрофа до апсолутен триумф. Неверојатна историја.

 

12 февруари 2024 - 09:33