Етичкиот комитет на ФИФА одлучи повторно да ги санкционира Сеп Блатер и Жером Валк со забрана за било каква работа во фудбалот во период од 6 години и 8 месеци, како и да ги казни парично со по 780.000 фунти.
Овие тешки казни за поранешниот претседател на ФИФА, како и неговиот прв помошник во својство на генерален секретар следуваат поради тоа што се виновни за прекршување на етичкиот кодекс на ФИФА по разни основи.
„Истрагата за Блатер и Валк опфаќаат различни обвиненија, особено во врска со исплатените бонуси на високи функционери на ФИФА во врска со организација на натпреварувања, измени и продолжувања на договорите за работа, како и надомест на штета од страна на ФИФА за приватни правни такси во случајот на Валк“, стои во соопштението на ФИФА.
Судскиот совет донел максимална санкција за двајцата, а тоа подразбира дека нема да можат да обавуваат активности во фудбалот ни спортски ни административни и на национално и на меѓународно ниво.
Со оглед на тоа што нивните претходни забрани за учество во сите фудбалски активности донесени од Независниот комитет за етика во 2015-та и 2016-та сè уште се во тек, новите забрани ќе стапат на сила по истекот на претходните, односно во 2021-ва за Блатер и во 2025-та за Валк.
За време на мандатите на Блатер кои траеја 17 години, имаше низа скандали и апсења на високи функционери во ФИФА, а кога пред шест години ја доби првата суспензија, демонстранти му влетаа на прес.
Кога ќе му истече суспензијата во 2028-ма, Блатер би имал 92 години.