Светската куќа на фудбалот маршира напред со технологијата и најавува дека секој играч на Светското првенство следното лето, ќе биде претставен со физички прецизен аватар на вештачка интелигенција, кој ќе помогне во носењето одлуки за офсајд.
Тоа ќе го реализираат со дигитално скенирање, а потоа скенирањата ќе се користат за создавање персонализирани 3Д модели, дизајнирани да се вклучат во полуавтоматизирана технологија за офсајд.
Според ФИФА, на овој начин уште повеќе ќе се отстранат сомнежите од одлуките на ВАР.
„3Д аватарите овозможени со вештачка интелигенција ќе обезбедат прецизна идентификација и следење на играчите. Ова ќе биде голем напредок, со одлични слики, побрзи одлуки и јасно разбирање од сите“, смета првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино
Полуавтоматизираната технологија за офсајд веќе се потпира на десетици камери што ја следат топката и вадат до 10.000 точки на податоци по играч. Делот што недостасува, според ФИФА, е тоа што сегашните модели не ги одразуваат вистинските физички димензии на играчот.
Со воведување на 3Д снимка, навивачите на социјалните мрежи отворија интересна дебата, како на пример дали Халанд кој е висок 190 см, ќе биде почесто во офсајд од Меси, едноставно затоа што Аргентинецот е висок 170 см и е поситен од него.
Од ФИФА сметаат дека секое скенирање ќе трае приближно една секунда и ќе ги долови прецизните димензии на деловите од телото. Потоа, овие модели ќе бидат користени во ВАР собата и интегрирани во преносите.
Со тоа ќе биде овозможено одлуките да бидат прикажани пореално, како за сите, така и за навивачите на стадионите и за гледачите ширум светот.