ФИФА ја испофали македонската фудбалска репрезентација

На официјалниот сајт на Светската фудбалска унија се појави голема статија во чест на одличните настапи на македонската фудбалска репрезентација која слави јубилеј од 25 години учество на меѓународна фудбалска сцена.

Во статијата со наслов „Ролеркостерот на Македонија продолжува“ (Macedonia’s rollercoaster ride continues), луѓето од сајтот на ФИФА потсетуваат дека Италија остана без Светско 2018-та година и дека целиот свет зборувал како легендарниот Буфон останал без Мундијал пред крајот од неговата кариера, но малкумина сфатиле дека Македонија одиграла клучна улога во таа драма.

Новинарот на ФИФА се надоврзува на ремито на момците на Игор Ангеловски против Италија во Торино (1-1) и тоа после претходниот меч во Скопје каде четирикратниот светски првак се спаси од пораз и едвај славеше 2-3 после пресврт.

Порталот го тера на сеќавање фудбалскиот свет и за чудесното реми на Македонците против Англија (2-2 во Саутемптон во квалификациите за Европското 2004 и 0-0 во Манчестер во квалификациите за Европското 2008), па ремито со Холандија 2-2 во Скопје и 0-0 во Амстердам во квалификациите за Свесткото 2006.

Македонската фудбалска репрезентација слави 25 години меѓународен фудбал иако до ден-денес се немаме пласирано на ниту еден голем турнир.

„Црвените рисови“ никогаш не завршија повисоко од четврто место во квалификации за ЕП или Мундијал.

Во моментов сме 73-ти на ранг листата со драстичен скок во однос на претходните години. Најниска позиција држевме лани на почетокот на 2017 кога бевме на мизерното 166-то место. Највисок ранг сме имале во 2008-ма кога бевме 46-ти на светот.

ФАКТИ ЗА МАКЕДОНИЈА:

- Највисока победа: 11-1 против Лихтенштајн
- Највисок пораз: 6-1 против Чешка
- Учинок на меѓународни официјални натпревари: 218 меча, 61 победа, 55 нерешени и 102 порази
- Играч со најмногу настапи: Гоце Седлоски (100 меча за репрезентација)
- Играч со најмногу голови: Горан Пандев (31 погодок).