Играчката кариерата на фашистот Паоло ди Канио беше преполна со скандали, а така започна и неговата тренерска кариера во клубот од англиската Лига Два (четврта по ранг). Неговата страст за фудбалот го направи популарен фудбалер, но со жестокиот темперамент малкумина му предвидоа успешна тренерска кариера.
Сомнежите започнаа со чудните трансфери пред почетокот на сезоната, на стартот на сезоната Свиндон претрпе четири порази на пет натпревари, а кулминацијата следеше по инцидентот кога тој се степа со неговиот фудбалер Леон Кларк.
Ди Канио доживеа шок и во приватниот живот. Тој долго се размислувал дали да ја прифати понудата за преземање на Свиндон, но неговиот болен татко го убедил да не се грижи за него и да го следи својот сон, по што тој се пресели во Англија и ја започна својата тренерска кариера. По кратко боледување, неговиот татко почина во октомври минатата година.
Но црниот период за Ди Канио заврши по што Свиндон почна да реди победи. Легендарниот Италијанец стана познат по неговите долги и интересни прес конференции. Фудбалерите на Свиндон беа нарекувани чивави или ротфајлери, во зависност од резултатите.
Свиндон го сруши клупскиот рекорд со десет победи во серија, во ФА купот го елиминираа Виган, а во финалето на Џонстонс Пеинт на Вембли беа поразени од Честерфилд.
На две гола пред крајот на сезоната, Свиндон се наоѓа на првата позиција во Лига Два и веќе обезбеди пласман во Лига Еден (трета по ранг лига во Англија).
Паоло ди Канио им го исполни сонот на навивачите на Свиндон и веќе стана легенда во овој град, но тој не застанува тука. Тој вети победи и на последните два натпревари и освојување на првото место во лигата.
А доколку успее во тоа, Ди Канио вети нова тетоважа на своето тело. Покрај неколкуте тетоважи меѓу кои е и онаа посветена на фашистичкиот лидер Бенито Мусолини, Ди Канио вети дека ќе посвети една тетоважа за Свиндон доколку ја освои лигата во својата прва сезона.