Фудбалерите на Манчестер Сити синоќа го торпедираа Тотенхем среде Лондон со 5:1, а тоа беше осмата жртва оваа сезона која беше поразена со минимум пет примени голови од составот на Пелегрини.
Со вчерашниот триумф Сити изби на челната позиција во Премиер лигата, а доминацијата најмногу ја изразува преку големиот број на постигнати погодоци. На 37 меча оваа сезона на сите натпреварувања успеа да постигне дури 115 голови.
Само во Премиер лигата „Граѓаните“ на 23 меча постигнаа 68 голови и со тоа веќе го надминаа бројот на вкупниот број на погодоци од минатата сезона кога на 38 кола постигнаа 66 гола.
Ако продолжат со ова темпо, тие ќе го надминат и бројот од 93 погодоци кои ги постигнаа пред две сезони кога ја освоија шампионската титула, како и рекордот во Премиер лигата кој го држи Челси кога во сезоната 2009/2010 под водство на Анчелоти постигна 103 голови.
Апсолутниот рекорд по ефикасност во фудбалска Европа го држи екипата на Астон Вила во далечната 1930/1931 година со 128 гола, на второ место е Торино со 125 погодоци во 1947/1948. Од поновата историја четвртата позиција ја држи Реал Мадрид под водство на Мурињо со 121 гол во 2011/2012.
Овие фасцинантни бројки не се само сувопарна информација за богатиот англиски клуб. Тие се во трка на сите четири фронта. Покрај тоа што се лидери во домашното првенство, ќе играат финале против Сандерленд во Лига купот, петто коло против Челси во ФА купот и осминафинале против Барселона во ЛШ.
Тимот на Пелегрини нема пораз од 10 ноември кога загуби од Сандерленд и сезонава на само два меча не постигна гол. Предводник во нападот е Агуеро со 26 гола од кои 15 ги постигна во Премиер лигата.