Фабијан Руиз - Нетипичниот херој на Евро 2024 чија мајка работела како чистачка во Бетис само за него

Шпанија дефинитивно игра најубав фудбал на целото Европско првенство 2024. Не само поради брзите и полетни крила Нико Вилијамс и Ламин Јамал, туку и поради тоа што во средина на теренот царуваат Родри и Фабијан Руиз. Првиот го знаеме од Манчестер Сити, а вториот блесна во полн сјај на Еуро2024 со 2 гола и 2 асистенции.

МАЈКА МУ ПОЧНАЛА ДА РАБОТИ КАКО ЧИСТАЧКА ЗА ДА РУИЗ ТРЕНИРА ВО БЕТИС

На 8 години малиот Фабијан Руиз првпат слушнал од мајка му Чари: „Тато веќе не сака да живее со нас“. Цела ноќ плачела но го утешила малиот: „Фаби, уште не знам сине како ќе те носам на тренинзи, ама нешто ќе смислиме“.

Семејството Руиз живеело во малото градче Лос Паласиос и Виљафранка, (мало за шпански услови) со население од 40.000 жители, а ова место е особено познато по прекрасно овошје. Интересно од овој крај на секои 10-ина години доаѓа по некој врвен фудбалер кој игра за Шпанија:

1985: Хесус Навас
1996: Фабијан Руиз
2004: Гави

Но малку фалело серијата да застане кај Руиз. Мајка му требала да одгледува три деца (братот и сестрата на Фаби) и притоа да наоѓа време да вози до школата на Бетис каде Руиз дошол да тренира на 7 години. До таму со кола имало половина час. И секој ден требала да го вози, да го враќа а во исто време да работи за себе и за мажот.

Затоа луѓето од Бетис и помогнале на мама Чари. И понудиле да работи во клубот, таа се согласила и набрзо станала дел од тимот задолжен за одржување на хигиената.

„Бев срамежливо дете, но не ми беше чудно што таа работеше како чистачка. Тоа е исто работа како и секоја друга. Да, беше необично што мајка ми е тука секој ден покрај мене и моите другари, но тоа го прифатив со гордост. Мама е мој идол. Како дете не сте свесни што се прави за вас. Ви изгледа дека е тоа нормална одговорност за родители“.

Но кога наполнив 16 години и добив шанса во професионален, сениорски фудбал, тогаш помислив: „А што направив јас за да стигнам до тука? Тогаш сфатив колку се пожртвувала мајка ми поради мојот сон. Кога уште никој не знаел дали ќе ме задржат или не“.

На 16 години Руиз и ветил на мајка му дека наскоро таа веќе никогаш нема да мора да работи. Мама Чари се повлекла после 6 години кога Фаби потпиша богат договор вреден 30 милиони евра со италијански Наполи.

СТИГНА ВО НЕАПОЛ БЛАГОДАРЕНИЕ НА НЕВЕСТАТА НА ДАВИДЕ АНЧЕЛОТИ

Фабијан Руиз секогаш бил страшен техничар. Со топка правел прекрасни дриблинзи. Во малото село Лос Паласиос го викале малиот Меси. До 14 години имал раст од 156 см но потоа за неколку месеци стигнал до 189 см.

Таквата необична и нагла промена во растот му направила проблем со координација на теренот па Руиз испаднал од првиот тим на Бетис. Морал да работи во вежбална, да работи на координација, на рамнотежа. Но по враќањето од таму станал чудо од играч: можел да прави буквално се на теренот: да игра бокс-ту-бокс, да шутира од далечина, да игра последен играч за врска, да дрибла и да удира во дуел со лакти. 

„Почнав да работам на мускулната маса. После секој тренинг поминував по пола саат во теретана, плус сменив исхрана“, раскажал еднаш Руиз.

На 20 години Бетис го пратил на позајмица во Елче, да се кали. Се додека на клупата на зелено-белите од Севиља не седна познатиот тренер Кике Сетиен кој на 21 година го враќа Руиз од позајмица и од него прави стандарден првотимец.

„Ти си многу добар, само има еден проблем - губиш концентрација. Сигурен сум дека за неколку години ќе играш во топ екипа но нема да си простам ако видам дека ги правиш истите грешки“, му рекол Кике Сетиен кој го пратил на прав пат.

Во Наполи Фаби Руиз дошол благодарение на познанството со Давиде Анчелоти - синот и помошник на великиот Карло Анчелоти. Невестата на Давиде, Ана Галоче е од Севиља и работи како уметник. Давиде еднаш бил на гости кај неа, па бил на меч на Бетис и го забележал талентираниот Руиз.

„Кога првпат ја сретнав сопругата на Давиде, ѝ заблагодарив“, открил јунакот на ова априказна.

За 4 години во Наполи Фабијан Руиз стана миленик на навивачите со својот однос на теренот и надвор од него. Постигна 22 гола и имаше 16 асистенции на 166 меча.

Претседателот на Наполи Аурелио Де Лаурентис ја објаснил продажбата на вечниот капитен Марек Хамшик во Кина со доаѓањето на Фабијан Руиз: „Марек не е луд. Сфати дека во среден ред има 2 места, а едно од нив е зафатено со играч каков што е Руиз“.

САКАЛ ДА СТАНЕ ПРОФЕСОР ПО ФИЗИЧКА КУЛТУРА

Фабијан веќе неколку години е со девојка од Андалузија, Роза Переира која што не личи на вообичаените девојки и жени на фудбалерите. Се запознале во 2022-ра, таа е психолог и понекогаш му помага со совети.

„Таа бараше да се отворам, да раскажам што чувствувам. Не беше лесно да и се пристапи. Порано после лош тренинг одев дома и не зборував ништо, само молчев. Како да ми беше крај на светот. Поработевме на тоа, таа ми објаснуваше: „Опушти се, после мечот и тренинзи не треба ништо да правиш“. Ми стана многу подобро“.

На прашање на клупскиот ТВ канал на ПСЖ каде игра во последните неколку години, што би станал ако не бил фудбалер, Руиз вели: „Професор по физичко во школо“.

Тој често доаѓа во родниот град. Бил и во 2023-та откако освои Лига Нации со Шпанија во финале во Холандија. Дошол со Гави и Хесус Навас.

Плоштадот во Лос Паласиос и Виљафранка бил преполн. Градоначалникот им подарил толку килограми компир колку што тежат. Фаби добил 83 килограми.

Фабијан Руиз набрзо стана еден од најдобрите играчи на Наполи но не добиваше шанса во репрезентацијата додека таму селектор беше Луис Енрике иако кај него дебитираше.

На 27 години излезе од сенката кај селекторот кого го нарекува свој втор татко - Луис де ла Фуенте. Со него во 2019-та година освои младинско Европско првенство каде го избраа за најдобар играч.

Најдобар е и за сега на Еуро2024. Просто ужива на теренот и има максимална контрола на теренот во улогата во која се наоѓа.

„Во фудбалот често добивам валкана задача, но така ми е уште покомфорно. Сфаќам дека секогаш има играчи кои играат еден на еден, покажуваат брзина и дриблинг како Ламин (Јамал) и Нико (Вилијамс), но има и такви кои како Роди играат клучна фундаментална улога во екипата а привлекуваат помалку внимание“, вели Руиз.

На ова Еуро2024 повеќе ужива во играта од кога и да е: има два гола и две клучни асистенции на 4 меча. Покрива простор од шеснаесетник до шеснаесетник, одличен е во изнесување на топка и градење на нападите како и за завршница на истите.

Фабијан Руиз е меѓу најзаслужните за големиот успех на Шпанија која направи дар-мар во групна фаза против Хрватска, Италија и Албанија, освои 9 бода со гол разлика 5:1.

Подоцна во осминафинале ја совладаа Грузија 4:1 па Германија во четвртфинале 1:2.

Така разновиден играч Шпанците одамна немале, а тој игра клучна улога во изградба на новата Шпанија со нов стил.

Шпанците го одиграа и најтешкиот меч досега, против домаќинот Германија, победија во продолженија 1:2 и се пласираа во големото полуфинале каде сега ги чека Франција.

А местото Лос Паласиос и Виљафранка го чека летово својот јунак пак да им дојде на гости со пехар.

9 јули 2024 - 12:33